Според весникот, ваквата позиција би значело непопустливост и бескомпромисност на Лондон во преговорите со Брисел за британското раздружување.
Тоа е сосема различно од досегашните јавно прокламирани ставови на Меј и на нејзините министри, за „пријателско, мирно и уредено“ напуштање на ЕУ, во која Британија членува уште од 1973 година.
„Фајненшл тајмс“ тврди дека не станува збор за промена на позицијата на премиерката, туку за тоа дека таа е „ силно притисната“ од двајцата министри во владата – Дејвид Дејвис задолжен за раздружувањето и Лијам Фокс, министер за трговија и обајцата остри евроскептици и силни подржувачи за Брегзит кои сега заговараат „остар курс“ кон ЕУ.
Премиерката Меј, во обраќање во британскиот Парламент, веќе порача дека контролата на границата е „црвената линија“ на Лондон од која владата нема да отстапи „по никаква цена“.
Таа досега се нема изјаснето околу британското останување на единствениот пазар на ЕУ, на што се противат Дејвис, Фокс, па и шефот на Форин Офисот, Борис Џонсон, но британската „црвена линија“ на која инсистира Меј, е наспроти цврста позиција на ЕУ за тоа дека нема останување на заедничкиот пазар, без прифакање на слободното движење на работната сила.
Весникот предупредува дека инсистирањето на владата за „цврст и остар„ курс кон ЕУ во преговорите, не е добро за домашниот бизнис и може да ја поткопа довербата на британските и на странските инвеститори.
Предупредувањето на овој весник доаѓа во време кога дел од лондонските медиуми ја бранат Тереза Меј од критиките во две книги на автори, што проториевските весници ги означуваат како „камеронисти“ за нејзиното „плашливо“ залагање за останување на Британија во ЕУ.
Бранителите на Меј тврдат дека таа прва утврдила оти Германија, канцеларот Ангела Меркел и ЕУ, нема никогаш да попуштат на британското барање за откажување од фундаменталното правило на Унијата за слободно движење на работната сила.
Нејзиниот претходник Дејвид Камерон, во весниците кои заговараа Брегзит, сега се означува како „слабак и наивен“ во преговорите што ги водеше пред референдумот од 23 јуни, иако токму тој побара нови преговори за британско- европските односи и најави референдум што тогаш никој од евроскпетиците во Конзервативната партија не го бараше.