ФОТО/ВИДЕО: Заев осуден за затајување данок

Основниот суд во Струмица му изрекол казна за затајување на познат бизнисмен во Струмица.

Според пресудата со датум 26 септември 2013 година, а до која дојде Нетпрес, Бобан Заев, управител на „Тргопродукт“, и прв братучед на струмичкиот градоначалник Зоран Заев, бил осуден на условна затворска казна и на парична казна бидејки извршил кривично дело „Даночно затајување“ по член 279 ст.1 од Кривичниот законик.

„Со намера, фирмата на Заев, за увоз-извоз,’Тргопродукт’, да одбегне делумно плаќање данок и други давачки согласно Законот за персонален данок на доход, дадени се лажни податоци со што е прикриено утврдување на износ на персонален данок на доход, во износ од 2.490 евра“, наведено е во судската пресуда.

 

Имено, според судскиот документ, во периодот од јануари до декември 2006 година, од кредитна картичка која гласи на име на „Тргопродукт“, биле вршени плаќања за хотелски услуги, трошоци за превоз, хотелско сместување, бензин, ресторани и слично во износ од 4.600 евра. Парите не биле поткрепени со соодветни документи за намената за која биле потрошени, и за нив не бил пресметан и наплатен персонален данок во износ од 800 евра.

„Истата година, во готово биле исплатени патни сметки во износ од 9.448 евра, но не постоеле документи за покритие, поради што фирмата требала да плати персонален данок во износ од 1.667 евра“, наведено е во пресудата.

По овие два основа ниту бил пресметан, ниту пак бил платен данок во вредност од 2.490 евра, со што судот утврдил дека обвинетиот Бобан Заев сторил даночно затајување, почлен 279 ст.1 од Кривичниот закон.

Казните, пак, кои Кривичниот законик ги предвидува за ова кривично дело се казна затвор од шест месеци до пет години и парична казна, но, ако износот е значителен, тогаш затворската казна е најмалку четири години и плус парична казна. Сепак, Кривичниот законик не прецизира што значи „значителен износ“.

Во членот 279 од Кривичниот законик се вели:

Даночно затајување

„(1) Тој што со намера самиот или некој друг да одбегне целосно или делумно плаќање данок, придонес или некоја друга давачка на која е обврзан со закон, дава лажни податоци за своите приходи или за приходите на правното лице, предметите или другите факти од влијание за утврдување на износот на ваквите обврски или тој што со иста намера во случај на задолжителна пријава не пријави приход, односно предмет или друг факт од влијание за утврдување на ваквите обврски, а износот на обврската е од поголема вредност, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години и со парична казна.

(2) Ако износот на обврската од став 1 е значителен, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку четири години и со парична казна.

(3) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“.

Она што зачудува и останува енигма е висината на сумата со која Бобан Заев е казнет. Имено откако судот утврдил дека е извршено кривичното дело „Даночно затајување“, тој е казнет со само 100 евра парична казна и условна казна затвор од 30 дена, доколку во период од една година не стори ново кривично дело.

Во пресудата стои и дека Струмичкиот суд, согласно членот 96-а од Кривичниот законик, го осудил правното лице ДПОЗ „Тргопродукт“ ДОО увоз-извоз од село Дабиле, Струмица, на парична казна во износ од 100.000 денари.

Во јавноста претходно Зоран Заев излегуваше со изјави дека фирмите на неговото семејство плаќаат редовно даноци. Но, очигледно според оваа пресуда на струмичкиот суд, тоа не е така и Заев не ја говорел вистината. Во прилог ви ја пренесуваме изјавата на Зоран Заев, инаку дадена во јавноста по изрекувањето на пресудата на неговиот прв братучед Бобан Заев.