Градежни активности на Општина Центар во училиштето „Свети Кирил и Методиј“

Општина Центар започнува со санација и реконструкција на дел од објектот на најстарото општинско основно учиште „Свети Кирил и Методиј“.

Зафатот во ова училиште, кое минатата година прослави 180 години од своето постоење, се однесува на приземниот дел од објектот и ќе ги опфати влезниот хол на училиштето и четири училници наменети за најмалите.

Реконструкцијата и санацијата е во договор на родителите и наставниците со градоначалнкот на Општина Центар Андреј Жерновски, а со цел децата да имаат подобри услови за стекнување знаења.

Со изградбата на затворената спортска сала во дворот на училиштето, се создадоа услови објектот на училиштето да се врати во неговата првобитна состојба.

Во план е проширување на влезниот хол на сметка на двете училници кои беа изведени во холот неопходни за непречено одвивање на наставата. Ќе се изврши рушење на преградните ѕидови во ходникот кои досега служеа како импровизирани соблекувални за спортската сала која, пак, ќе се прегради со што ќе се добијат две нови училници.

Дополнително ќе се изврши молерисување на ходниците, влезниот хол и сите училници на приземјето, дотраените подови од ламинат ќе се заменат со нови од винилна облога, ќе се офарбаат радијаторите и ќе се замени и дополни постоечкото осветлување.

Со овој зафат ќе се врати првобитната функција на објектот, а холот ќе стане место за средби и настани.