Грција фатена во замка на сопствената политика на негирање на малцинствата

Во секојдневните препукувања меѓу грчките политички партии кои ја почнаа кампањата за изборите за Европскиот парламент, на површина излегоа и проблемите со непризнавањето на малцинствата во земјата, јави дописникот на МИА од Атина.

Во неколку партиски преписки се споменува „турско и македонско малцинство“ што некои од набљудувачите ги поттикна да помислат дека грчките партии доволно созреале за отворено да зборуваат за малцинствата во земјата и нивните права. Сепак, познавачите на состојбите потврдуваат дека се работи само за божемна заинтересираност на некои партии само за да се оправдаат пред колегите од Европа и оти по изборите се ќе биде по старо.

– Станува збор само за партиски препукувања и ништо повеќе. Нема меѓународен притисок за правата на малцинстава во Грција. Правата на малцинствата во Грција е забранета тема, особено кога станува збор за национални малцинства. Кога поединец од некоја партија „поагресивно“ ќе спомене турско или македонско малцинство употребувајќи ги овие термини, автоматски ќе биде прогласен за предавник на нацијата. Тоа е факт и реалност, вели за МИА Павле Филипов Воскопулос од „Виножито“.

Се почна кога опозициската Сириза одлучи да ја повлече кандидатурата за европратеник на муслиманката со ромско потекло Сабиха Сулејман од регионот на Ксанти поради наводно остри реакции од страна на претставници на турското малцинство во регионот. Локални политички извори за „Та Неа“ изјавиле дека пратеници од Сириза со турско потекло побарале да биде повлечена кандидатурата на Сабиха „која одамна е трн во очите на муслиманите со протурски ставови“.

Потоа се огласи и партискиот кандидат за европратеник од Грчката лига за човекови права и заменик претседател на Светската федерација за правата на човекот Димитрис Христопулос кој рече дека и тој барал Сабиха Сулејман да биде отстранета од листата.

„Проблемот во кандидатурата , која за среќа беше отстранета и јас јавно признавам дека работев за тоа е следниов: Едно е еден граѓанин на областа Тракија со левичарски убедувања да вели дека не е муслиман затоа што е атеист, а сосема друго е оваа госпоѓа да тврди дека е угнетувана од страна на турскиот национализам “, изјави Христопулос кој нагласи дека неговата кандидатура за европратеник доаѓа со специфичен багаж со прашања за малцинствата. Тој изрази задоволство што Сириза го „цени неговиот багаж и е посветена на борба против национализмот, без разлика дали е тој грчки или турски, но пред се на правото на луѓето да се самоопределат за нивната етничка припадност без тоа да ја загрозува нивната позиција во политичката заедница на земјата“.

На ова реагираше владејачката партија Нова демократија која побара од Ципрас да ја повлече кандидатурата на Христопулос чии ставови ги окарактеризира како опасни. Владејачката партија нагласи дека „во согласност со Договорот од Лозана, во Тракија нема национално малцинство“, како што тврди Хритопулос, туку само „религиозно малцинство“.
Сириза веднаш одговори дека „Самарас мора да сфати оти не е претседател на партијата Политичка Пролет па да може да продолжи да игра безмилосни националистички игри, туку се уште е премиер на земјата. Тој, исто така мора да го објасни својот став дека ’има турско малцинство во Тракија’, како што изјавил во интервју во 1989 година“.

„Наводната изјава на премиерот во 1989 за списанието ’Монитор’ беше демантирана пред децении и списанието само напиша дека било нивна грешка. Паниката и лош водич Ципрас“, порача Нова демократија.

Во меѓувреме Сириза го прозва Самарас да се изјасни и каква е неговата позиција за прашањето за Македонија, на што Нова демократија се осврна на ставот на Христопулос за постоењето на македонско малцинство во Грција. Нова демократија потсети дека „кандидатот за европратеник на Сириза Христопулос пред неколку години обвини грчки суд затоа што не дозволи отворање на Дом на македонска култура“ во Лерин.

„Барањето за регистрирање ваков дом го поднесоа луѓе кои себе си се нарекуваат ’македонско малцинство во Грција’ и ја промовираат пропагандата на Скопје. Христопулос исто така признава дека во Грција живее ’Македонско малцинство’ ! Право на Ципрас е да избере кој ќе ја претставува нашата земја во Европскиот парламент. Сепак, никој не очекува дека тој ќе ги осуди ваквите опасни ставови. Затоа што очигледно верува во нив“, остро одговори Нова демократија.

Како поткрепа на ова тврдење, владејачката партија објави линк до соопштение на Грчката лига за човекови права од февруари 2004 година, потпишано од Христопулос како претседавач со организацијата, во кое се вели дека одбивањето по втор пат на Судот во Лерин да регистрира здружение под името „Дом на македонската култура“ е уште една судска грешка. Грчката организација за човекови права потоа потсетува на пресудата на Европскиот суд за човекови права од 1998 во случајот „Сидиропулос и други против Грција“ во која судот пресуди дека грчкото одбивање да го регистрира „Домот на македонската култура“ е кршење на членот 11 од Европската конвенција за човекови права.

На сето ова последна (засега) реагираше Грчката лига за човекови права која изрази изненаденост од портпаролот на Нова демократија која „меша факти и пресуди што не и служи на вистината“. Организацијата потсетува дека се работи за  неизвршување на одлука на Европскиот суд за човекови права од страна на грчки суд, а се однесува на правото на здружување, како што е случајот со Домот на македонската култура и посочува да се види пресудата во случајот „Сидиропулос и други против Грција“.

Од сето ова, најинтересен заклучок изведе колумнистката на „Катимерини“ Ксенија Куналаки која напиша: „ Имаме неколку почетнички проблеми со анализи во Грција. Во исто време имаме ресурси да го покриеме нашиот срам. Затоа предлагам прашањето за т … (неможе да се изговори) малцинство во Тракија да се реши на ист ефикасен начин како што го решивме прашањето на ’државата Скопје’  и ’псевдодржава’ со ’псевдопристаништа’, ’псевдоградови’ и ’псевдо политичари’: да се крсти ’поранешно муслиманско малцинство во Тракија’“.

Извор: МИА