Јаневски заминува, Бабунски нов тренер на „Вардар“

Бобан Бабунски е новиот тренер на „Вардар“, иако нема официјална потврда за смената на досегашниот тренер Чедомир Јаневски, кој си заминува од позицијата по скромните резултати на скопјаните во пролетниот дел од сезоната.

Јаневски дојде во Вардар лани, непосредно пред клучниот двомеч со „Фенербахче“ за пласман во Европа Лигата, по што продолжи на клупата и во фазата по групи во ЛЕ.

Јаневски и Вардар треба да ја официјализираат разделбата во текот на денот, а раководството на клубот веднаш потоа треба да го назначи Бабунски, кој го водеше денешниот тренинг, за нов тренер.

Бабунски, кој е и поранешниот селектор на младинската репрезентација на Македонија летово пристигна во таборот на „црвено-црните“ и ја извршуваше функцијата директор на Академијата на Вардар.
Сменетиот тренер на Вардар, Чедомир Јаневски има договор до 2019 година и според него ќе треба целосно да му се исплати се до крајот на договорот, ако двете страни не се договорат поинаку во меѓувреме.

Двајцата се поранешни играчи на „Вардар“.