Катица Јанева – класичен пример како не треба да се однесува носител на јавна функција

Работите што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ги кажува во јавноста многу често не кореспондираат со реалноста. Јанева е класичен пример за тоа како не треба да се однесува ниту еден носител на јавна функција.

Вака експертите го оценуваат однесувањето на Јанева во Собранието и нејзините невистинити изјави дека се соочувала со притисоци и суптилни закани изнесени за време на нејзиното интервју дадено за националната телевизија, откако од МВР посочија дека таков случај ниту бил пријавен, ниту пак се преземаат мерки против некое лице.

Би било нескромно и несериозно ако кажам дека нема притисоци и суптилни закани, изјави Јанева во скандалозното интервју.

Според професорката Тања Каракамишева-Јовановска доколку некој навистина и се заканувал на Јанева, токму таа како јавен обвинител би требало најдобро да знае како треба да постапи во таков случај.

Целото однесување на Јанева е скандалозно и полно со контрадикторности, со измешани изјави, со измислени приказни чија што основна цел е како да се остави впечаток на жртва во јавноста. Многу често работите што Јанева ги кажува во јавноста не кореспондираат со реалноста и таа е класичен пример за тоа како не треба да се однесува ниту еден носител на јавна функција. На пример, фактот дека таа не пријавила никакви закани упатени кон неа од кого било во МВР, укажува на несериозниот карактер на нејзините јавните обвинувања дека постојат луѓе во државата што и се закануваат. Ако некој навистина и се заканува, токму Јанева како јавен обвинител би требало најдобро да знае како треба да постапи во таков случај. Ако таа не знае, кој треба да знае. Доколку заканите не ги пријавила во МВР, нејзините обвинувања се во доменот на шпекулациите, за кои видовме дека таа е мајстор, посочува Каракамишева-Јовановска во изјава за Нет Прес.

Според Каракамишева, непрофесионалното однесување на специјалната обвинителка продолжува и во овие два дена во Парламентот, каде таа одговори на само 11 од вкупно 45 поставени прашања за време на Комисијата за политички систем, каде се разгледуваше извештајот за работата на СЈО. Оние малкумина пратеници кои добија одговор на нивните прашања упатени до специјалната обвинителка, пак, според експертите, биле бледи и површни.

Каракамишева смета дека однесувањето на Јанева во Собранието е посебен циркус и посебно шоу,  за кое, како што вели,  веројатно ќе се зборува уште долго во државата.

Нејзината легендарна изјава дадена пред неколку месеци, но повторена и вчера, дека не го признава легитимитетот на Собранието и на пратениците, а зборува токму во тоа Собрание и дава одговори на тие пратеници, ги надминува сите можни правила на пристојно, професионално и одговорно однесување и комуницирање. Проблематично е и какви одговори дава Јанева на поставените пратенички прашања. Гледаме одговори што се бледи, неповрзани со темата на прашањата, гледаме фактички две различни „планети“ во Собранието. Од една страна се логичните прашања на пратениците што произлегуваат од секојдневната работа на СЈО и секако бројните дилеми што си ги поставуваме и ние како граѓани, а од друга страна, се неповрзаните одговори на Јанева, одговори што немаат никаква врска со поставените прашања, гледаме смешни сцени како да се врши пренос од некоја детска градинка, а не од законодавниот дом во државата, додава универзитетската професорка.

Таа настапот и однесувањето на специјалната обвинителка Јанева во законодавниот дом го оценува како целосно фијаско.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која се разгледува извештајот за работата на Специјалното јавно обвинителство продолжува. На седницата и денеска беше присустна специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, каде даваше одговор на сите поставени прашања од страна на пратениците поврзани со работата на институцијата со која таа раководи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.