Кина започна со изградба на гасоводот кон Сибир

“Минатата недела Кина започна со изградба на гасоводот со кој ќе прима руски гас од Сибир”, соопшти денес руската компанија “Гаспром”.

Русија и Кина минатата година склучија договор за гас вреден 400 милијарди долари, со кој е предвидена и изградбата на гасоводот.

Руската страна во овој проект би требало да вложи 55 милијарди долари, вклучувајќи ја и потрагата по нови наоѓалишта на гас. “Гаспром” соопшти дека разговорите за таканаречената “западна рута”, напредуваат одлично.

Инаку овој договор помеѓу Русија и Кина беше потпишан за време на минатогодишната посета на рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг.

Путин тогаш истакна дека “ова е најголемиот договор во сферата на гасот во епохите на Советскиот Сојуз и Русија”.

Според договорот, Русија во наредните 30 години ќе извезува во Кина по 38 милијарди кубни метри гас, со можност оваа количина да се зголеми на 60 милијарди кубни метри гас.