Кривична пријава против откупувач на тутун

СВР Радовиш поднесе кривична пријава против правното лице ДПТУ„Томи-Мит Јака Тобако“ ДООЕЛ-Радовиш, за сторено кривично дело „измама“, С.М.(62) од Скопје, сопственик и управител на правното лице, за сторени кривични дела „измама“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против К.Т. (52) од Кочани вработена во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Во периодот од 09.01.2014 до 21.01.2014 година, С.М. во својство на откупувач довел во заблуда дека ќе откупи 975.870 килограми тутун и склучил договори со 2.024 тутунопроизводители од општините Радовиш, Конче, Струмица, Василево и Штип, при што откупил 310.300,9 килограми тутун во вредност од 49.833.462,70 денари кои не ги исплатил во договорениот рок согласно обврските. Иако правното лице не ги исполнувало условите и имало забрана за вршење на откуп на тутун, пријавената К.Т. пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување, врз основа на Записник од инспекциски надзор ја повлекла забраната за откуп со што им овозможила да се стекнат со значителна имотна корист.