Македонија во група со Романија, Узбекистан, Германија, Аргентина и Данска

Женската ракометна кадетска репрезентација на Македонија  ги доби противниците за Светското првенство кое од 20 јули до 3 август ќе се одржи во нашата земја. Како домаќин Македонија имаше привилегија да ја избере групата, откако претходно беа извлечени по пет репрезентации во четирите групи.

Избраничките на селекторот Аце Станковски ќе играат во групата Ц, каде носител е Данска, а играат уште Романија, Узбекистан, Германија и Аргентина. Натпреварите Македонија ќе ги игра во Струмица. Четирите првопласирани селекции од секоја група ќе играат во четвртфиналето.

Нашата цел е да се пласираме во следната фаза. Ако добро се подготвиме физички и тактички ќе можеме да направиме и изненадување. Тоа би значело да победиме една до две од европските селекции во групата (Данска, Романија или Германија) и да освоиме подобра позиција во групата. Очекувам полни трибини на натпреварите кои ќе ги играме во Струмица во првата фаза, потенцира Станковски.

На извлекувањето на групите беше присутна и Сара Ристовска, која ја има улогата на капитен на оваа генерација.

„Ќе играме во група која ни дава шанса за пласман на едно од првите четири места. За сите нас ова ќе биде голем предизвик, бидејќи ни е прво големо натпреварување. Се надевам дека ќе постигнеме пласман со кој ќе бидеме задоволни“, изјави Ристовска.

ГРУПА А ( Скопје): Шведска, Кореа, Казахстан, Бразил, Тунис, Холандија.

ГРУПА Б (Охрид): Русија,Норвешка, Јапонија, Унгарија, Парагвај, Конго.

ГРУПА Ц (Струмица): Данска, Романија, Македонија, Узбекистан, Германија, Аргентина.

ГРУПА Д (Охрид): Португалија, Црна Гора, Хрватска, Ангола, Кина, Франција.