Спорт

Македонија втор пат загуби од Русија

Македонија втор пат загуби од Русија

Македонската женска ракометна репрезентација загуби и на реваншот од Русија, овојпат на домашен терен со 31:24 во квалификациите за пласман на Европското првенство во Хрватска и Унгарија, во декември годинава. Црвено – жолтите одиграа очајно прво полувреме, на стартот од вториот дел губеа и со единаесет голови разлика, но со играта во преостанатиот дел од мечот покажаа дека го прецениле противникот. Предводени од Елена Георгиевска, избраничките на тренерот Ристо Магдинчев се доближија на два гола негативе 24:22, но немаа сили за целосен пресврт на мечот во СРЦ „Кале“.
„Честитки за победата на руската репрезентација. Можам да кажам дека од овие два меча што ги одигравме, само второто полувреме во Скопје е онака како што треба да биде, како што знаеме да играме. Русија има добра репрезентација што знаеше како да ги казни нашите грешки, кои беа почетнички. Ја корегиравме играта, укажав што треба да смениме, презадоволен сум од начинот на кој се вративме до два гола негатива, но повторно направивме наивна грешка во чекори. Во овој момент не сме дораснати да им парираме цели 60 минути, но игравме добро на периоди. Сметам дека резултатот не е реален, според играта не требаше да загубиме повеќе од два-три гола“изјави Магдинчев.
Елена Георгиевска беше најпрецизна во таборот на Македонија со седум погодоци, пред Десподовска со пет, Душица Георгиевска со четири и Драгица Митрова со три погодоци.
Македонија се уште нема освоено бод во овие квалификации, додека Русија со 6 веќе се пласираше на Европското првенство.
Македонија својата шанса за пласман на ЕП ќе ја бара во јуни во двомечот против Германија. Само со две победи над Германките ќе се најдеме на завршницата во Хрватска и Унгарија