Мертесакер: Не ми е гајле како изгледавме

Централниот дефанзивец на Германија, Пер Мертесакер остро ги нападна германските медиуми кои ја критикуваа играта на нивната селекција на дуелот против селекцијата на Алжир иако на крајот популарните “панцири” обезбедија пласман во 1/4 финалната рунда од Мундијалот во Бразил.

“Не ми е гајле како изгледавме. Меѓу осумте најдобри сме и тоа единствено е важно. Не разбирам што сакате од мене? Мислите дека има лоши екипи во оваа фаза на натпреварувањето? Се боревме преку 120 минути и потполно ја заслуживме победата. Што сакате вие? Повторно да играме убаво и да испаднеме? Сериозно, не ги разбирам ваквите прашања”, изјави по натпреварот дефанзивецот на лондонскиот премиерлигаш Арсенал.