Пахор и Матарела со слични постапки како Иванов во одбрана на државниот интерес

Дека заштитата на државниот интерес треба да биде приоритет за претседателот на државата во изминатиот период покажа италијанскиот претседател Серџо Матарела, кој одби да прифати кандидат за министер за економија, критичар на членството на Италија во Европската унија. Потегот беше поздравен од лидерите на Германија и Франција.

Ситуацијата, според познавачите, потсетува на политичката состојба на Република Македонија на почетокот на минатата година, кога претседателот Иванов одби да го даде мандатот за состав на Влада, поради потпишувањето на Тиранската платформа. Мандатот беше доверен дури откако Зоран Заев даде дополнителни гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Со проблеми околу составувањето на Влада деновиве се соочува и Словенија. Претседателот Борут Пахор најави дека Јанез Јанша ќе го добие мандатот на состав на новата словенечка влада, откако неговата партија освои релативно мнозинство на парламентарните избори во неделата.

Иако Јанша засега нема доволен број пратеници за составување нова влада, сепак, претседателот Пахор застана зад државниот интерес на Словенија и рече дека Јанша е првиот што треба да го добие мандатот и шансата за состав на нова влада.

Ситуацијата, според аналитичарите, наликува на Македонија по парламентарните избори во декември 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број мандати во Собранието, по што претседателот Ѓорге Иванов, согласно законските процедури и праксата, на тогашниот партиски лидер Никола Груевски му го довери мандатот за состав на нова Влада, потег што одредени критичари го сметаа за неисправен.