По измените на Законот за азил, МВР издало 5.005 потврди на мигранти

Врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил од 18.06.2015 година, Министерството за внатрешни работи отпочна со издавање на потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегуваат на нашата територија.

Како што информираат од Министерството, во периодот од 19.06.2015 до 29.06.2015 година во 08 часот, издадени се потврди на 5.005 странски државјани, од кои, 3.973 се од машки пол, 597 се од женски, а 425 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата и десет деца на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија- 3.180, потоа Авганистан- 479, Ирак- 321, Пакистан- 250, Сомалија- 245,  додека останатите се во помал број.

Заради зголемениот притисок од илегални мигранти на јужната граница кон соседна Република Грција, МВР продолжува со засилените мерки за обезбедување на граничата линија.