По средбата Мицкоски- Заев, ВМРО-ДПМНЕ добива претседателското место во ДИК

ВМРО-ДПМНЕ го добива претседателското место во Државната изборна комисија (ДИК). Ова е најважната одлука по вечерашната средба помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев.

-Со премиерот Заев се согласивме дека треба Државната изборна комисија да се комплетира. Тоа ќе се прави по стариот модел, односно претседателот на ДИК ќе биде од опозицијата, додека мнозинството од членовите ќе биде на власта, изјави Мицкоски по средбата.

На средбата станало збор и за спорот за името, при што Мицкоски го истакнал добро познатиот став на ВМРО-ДПМНЕ дека партијата нема да поддржи промена на уставот со цел промена на уставното име на државата.

– Разговаравме за преговорите за името со Грција. Од приложеното можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив ставот дека нема да поддржиме промена на Уставот, а за идентитетските прашања не треба да се разговара, рече Мицкоски.

Мицкоски и Заев зборувале и за Законот за двојазичност, но сепал не успеале да најдат заеднички јазик. Мицкоски повторил дека Законот е неуставен и неприменлив во реалноста.