Македонија

Поставена спомен плоча на домот на Васил Иљовски

Поставена спомен плоча на домот на Васил Иљовски
Синот на Васил Иљоски, Мирослав, е идеен творец на плочата што ја изработи скулпторот Дарко Дуковски
Скопскиот градночалник, Коце Трајановски и Мирослав Иљоски денеска ја открија спомен плочата на писателот Васил Иљоски што е поставена на неговата куќа на улицата Владимир Полежановски бр 12.
Синот на Васил Иљоски, Мирослав, е идеен творец на плочата што ја изработи скулпторот Дарко Дуковски.
„Со оваа спомен-плоча поставена на домот во којшто живееше и твореше Васил Иљоски, Градот Скопје оддава должна почит и благодарност на личноста и делото на великанот на македонската драмска литература, но и дава придонес кон информирањето на скопјани за локации и личности кои дале силен печат врз јавниот живот на Скопје. Драмата на Иљоски „Бегалка” не само што е една од најзначајните точки на македонската современа литература, туку е и симбол на борбата за самобитност на македонскиот народен јазик. Но, сепак, во овој дом остануваат досега необјавени драми и многу ракописи. Низ тие ракописи и необјавени дела и идните генерации ќе можат да го откриваат и докажуваат македонскиот идентитет и македонската државност. Се надевам дека во иднина, Градот Скопје, вакви плочи ќе постави на домовите на многу македонски великани, коишто неуморно твореле за зачувување на идентитетот на нашиот народ и кои со својот опус оставиле особен белег во историска смисла за нашата Македонија“, истакна градоначалникот Трајановски.
На пошироката јавност не и е познато дека Васил Иљоски, како што рече син му Мирослав, беше еден од првите основачи на МАНУ. Но, Иљоски не е само еден од основачите на МАНУ, тој е и еден  од основачите на Друштвото на Писателите. Него историчарите меѓу оснивачите го ставаат на прво место. На пошироката јавност не и е познато и дека уште во 1945 година во Комисијата на Министерството за народна просвета, Иљоски беше еден од првите членови кои ни ја дадоа македонската азбука и правопис и дека се до крајот на животот  неуморно работеше на развојот на македонскиот литературен јазик.
„Почитувани, дозволете да Ви свртам внимание на симболите на спомен- плочата. Најпрво на двете маски. Почитуваниот претходен претседател на МАНУ Георги Старделов во Споменицата ВАСИЛ  ИЉОСКИ – издание на МАНУ, меѓу многуте највисоки констатации (пренесувам скратено) пишува: Неговите пиеси предизвикуваа и солзи радосници и солзи  таговници. На нив се плачеше со солзи од смеа  и со солзи од трагичен бол. Старделов пишува: Васил Иљоски  стана писател-легенда; академикот Васил Иљоски беше несомнено најсестраната и најкомплетна интелектуална фигура, несомнено писателска личност од формат, која остави најдлабоки траги во драмската уметност… И на крајот: ќе остане Васил Иљоски како еден од столбовите на македонската литература и култура на  20-от век. Симболите книга, мастилница и перо го изразуваат неговото писателско дело. А познато е дека Иљоски беше и истакнат педагог кој образуваше многубројни генерации кои го понесоа развојот на македонската држава. Во истата Споменица еден од најистакнатите историчари на развојот на македонската драма Ристо Стефановски меѓу друго (пренесувам  скратено)  пишува: „Без драмите на Иљоски знам каква би била историјата на нашата драматургија и театар. Многу, многу посиромашна и потажна. Израснавме гледајќи ги неговите претстави, поставувајќи ги и играјќи во нив, пишувајќи критики за нивниот досег, како и кога пишувавме нови  драми, а театарското дело е на оваа височина благодарејќи на уметничкото зрачење на неговите пиеси. “, рече Мирослав Иљоски.