Пренесувале лажни азиланти за 200 евра по човек

Ј.М. (46), А.А. (33) двајцата од Струмица и полицаецот И.М. (56) од Богданци, добија кривична пријава поради сомневање дека сториле кривични дела – “злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и на Шенгенскиот договор“ и  “Злоупотреба на службената положба и овластување“ и “соизвршителство“.

Прво и второпријавениот во текот на минатата година врбувале, поттикнувале, организирале и превезувале лица, државјани на земјава, во државите од ЕУ, со цел лицата да се стекнат со економски и социјални права што е спротивно на правото на Европската унија, на прописите на Европската унија, Шенгенскиот договор и на меѓународното право.

Пријавените организирањето и транспортот го вршеле на лица од повеќе населени места во Струмица, Виница и Радовиш  и други места, при што на истите им ветувале дека ќе добијат статус на азиланти во соодветната држава на ЕУ за што им наплатувале одредена сума пари најчесто од 200-300 евра од член на семејство. Превезувањето го вршеле организирано, лицата кои што се транспортирале од местото на тргнување се до преминувањето на границата на граничните премини биле префрлувани во повеќе возила и притоа најчесто биле ангажирани други лица нивни помагатели со нивните возила да ги пренесат лицата преку границата, а исто така во одредени случаи транспортирањето на лицата преку границата го вршеле и тие лично со своите возила.

Третопријавениот И.М. како полицаец за пасошка контрола во содејство со Ј.М. и А.А ја злоупотребил својата  службена должност и кога бил на смена без да побара доволно докази од лицата кои се транспортираат како баратели на азил, ги пропуштил да ја преминат државната граница и притоа освен првопријавените како возачи не ги евидентирал сите лица кои биле во возилата, а исто така во одредени случаеви не ги евидентирал ниту пријавените кога ја преминувале границата на излез од земјава. На тројцата пријавени им е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена.