Магазин

Промоција на книгата „Држава – како се гради и брани“ од проф. д-р Стефан Влахов-Мицов

Промоција на книгата „Држава – како се гради и брани“ од проф. д-р Стефан Влахов-Мицов

Во мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“, во среда напладне ќе биде промовирана новата книга „Држава-како се гради и брани“ од проф.д-р Стефан Влахов Мицов во издание на Матица македонска. Книгата е критички и аналитички осврт на македонското минато и на денешните проблеми на Република Македонија.

Трудот дава одговор на многу неразјаснети прашања: Зошто македонскиот идентитет е потраен од македонската државност? Зошто во историјата македонците често се конфронтирале меѓу себе? Зошто во XIX век почнува да гасне моќниот македонски протонационализам од претходните векови? Говори и за партијноста која ја нагризува државата, а посебно внимание побудуваат ставовите и размислувањата на авторот за македонското име, за односите со соседите, за еквидистанцата на Киро Глигоров, за Стојан Андов, идејниот творец на Законот за лустрација, за политички неопитните премиери Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски…

Посебен акцент е ставен на различните идеи на ВМРО во македонското револуционерно движење и на КПМ по Втората светска војна. Авторот пишува за поразот на македонската државност во периодот од 1991 до 2004 година и за улогата на соседите во разнебитувањето на Македонија.

Побудува интерес концептот на Влахов Мицов за иднината на Македонската држава – за потребните законски дејствија и за односите со Големите сили.

Делото ќе го промовираат амбасадорот Ристо Никовски и публицистот Георги Барбаровски.