ПСЖ и Баерн осигураа осминафинале

Фудбалерите на Пари Сен Жермен и на Баерн, осигураа во вторникот вечерта пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите откако во четртото коло од фазата по групи ги совладаат во Париз Андерлехт со 5:0, односно во Глазгов Селтик со 2:1.

ПСЖ ја забележа четвртата победа со импресивна гол разлика 17:0. Прашањето на победникот во ниту еден момент не беше поставено на овој меч, единствено непознато беше колку голови ќе постигнат парижаните. На крајот „светците“ постигнаа пет голови, но првиот дури по половина час игра преку Марко Верати а во третата минута од судското продолжение на првото полувреме погоди и Нејмар. Потоа хет-трик постигна Лајвин Курзава во 52, 73 и 78 минута.

Во вториот меч од групата беше далеку понеизвено. Селтик добро се држеше, но победата сепак му припадна на Баерн. Кингсли Коман во 22 минута ги доведе во водство Баварците по големата грешка на домашната одбрана, а изедначи Калум Мекгрегор во 74 минута. Само три минути подоцна Хави Мартинез го врати водството за Баерн.

По четирите кола во Групата Б на табелата води ПСЖ со максимални 12 бодови пред Баерн кој има 9, Селтик со 3 и Андерлехт без бодови.

Во Групата А, пак, Манчестер Јунајтед ја совлада Бенфика со 2:0 и така направи голем чекор кон осминафинелето. Домашните можеа да дојдат во водство уште во 15 минута, но Ентони Мартиал не реализираше пенал, откако голманот на португалскиот претставник Миле Свилар со сјајна реакција го одбрани неговиот удар. Свилар, кој во минатото коло го постави рекордот на Лигата на шампионите како најмлад голман со 18 години еден месец и 22 дена, така се оправда за грешката од првиот меч кога Јунајтед славеше со 1:0.

„Црвените ѓаволи“, сепак, во последните моменти од првото полувреме стасаа до водството. Немања Матиќ шутираше до 25 метри, а топката ја погоди стативата и од грбот на Свилар се одби во мрежата. Делеи Блинд во 80 минута ги реши дилемите околу победникот резилирајќи казнен удар за 2:0. Јунајтед со оваа победа ја продолжи европската серија без порази на својот „Олд Трафорд“ на 20 натпревари.

Во вториот меч од групата московска ЦСКА гостуваше во Базел и победи со 2:1, враќајќи си ги шансите. Домашните поведоа во 32 минута преку Лука Ѕуфи, а изедначи Алан Џагоев во 65 минута, а целосниот пресврт беше дело на Понтус Верблум во 79 минута.

На табелата води Манчестер Јунајтед со 12 бодови пред Базел и ЦСКА со по 6, а Бенфика е последна без бодови.

Во Групата Ц, Рома во Рим одигра фантастичен меч победувајќи го Челзи со 3:0. Рома поведе со голот на Стефан ел Шарави во 39 секунда од мечот. Ова е еден од најбрзите голови постигнати во најпрестижното европско клупско натпреварување. Меѓутоа, далеку е од рекордот на Холанѓанецот Рој Макај кој беше стрелец по само 10,02 секунди игра за Баерн во мечот од осминафиналето против Реал Мадрид во 2007 година.

Ел Шарави беше стрелец и во 56 минута искористувајќи ја грешката на својот поранешен соиграч Антонио Рудигер, а кога Диего Пероти постигна гол за водство од 3:0 во 63 минута, веќе беше познат конечниот победник.

Во вториот меч од групата Карабаг приреди уште едно изненадување одигрувајќи во Мадрид 1:1, откако во претходното коло на домашен терен со истиот фаворизиран противник одиграа без голови.

Гостите го шокираа Атлетико во 40 минута откако Мичел постигна гол по нафрлувањето од корнер. Изедначи Томас Партеј во 56 минута со фантастичен удар од повеќе од 25 метри. Само три минути подоцна гостите останаа со играч помалку откако беше исклучен Енрике, но Атлетико не умееше тоа да го искористи.

Во Групата Ц по четири кола води Рома со 8 бодови пред Челзи кој има 7, Атлетико Мадрид има само 3 а Карабаг 2 бода.

Барселона доминираше во Пиреа против Олимпијакос но не успеа да го скрши грчкот бедем. Интересно е што Олимпијакос во 15-те домашни натпревари против шпанските клубови само двапати е поразен.

Во вториот меч во Групата Д, исто така, немаше победник. Спортинг во Лисабон поведе уште во 20 минута со голот на Бруно Сезар, а изедначи Гонзало Игуаин во 79 минута. Аргентинскиот напаѓач можеше да се запише меѓу стрелците и во 69 минута, но Руи Патришио одлично регираше.

На табелата од Групата Д во водство е Барселона со 10 бодови пред Јувентус кој има 7, Спортинг со 4 и Олимпијакос со 1 бод.