Раздвижено на Берзата во декември: Прометот скокна за над 239 отсто

Вкупниот промет на Македонската берза во декември забележа скок од 239,81 отсто, покажува месечниот статистички билтен на Македонска берза за месец декември. Во овој период прометот достигна 662 милиони 672 илјади и 507 денари.

Пазарната капитализација во месец декември беше на ниво од над 102 милијарди 718 милиони 163 илјади и 286 денари, што е скок од 1,10 отсто. Пораст од високи 86,95 отсто се забележува и во бројот на трансакции, па така во последниот месец од 2013-та година беше на ниво од 1.404. Индексот МБИ 10 исто така, во овој период, забележа пораст од 10,38 отсто.

Акциите на „Фершпед“, „Макпетрол“ и „Топлификација“ забележаа најголем раст во последниот месец од сега веќе минатата 2013-та година, додека во негативната зона завршија хартиите од вредност на „Цементарница УСЈЕ“, „ФЗЦ 11-ти октомври“ и приоритетните акции на „Скопски пазар“.

Акциите на „Фершпед“ скокнаа за дури 165,69 отсто, додека оние на „Макпетрол“ забележаа пораст од 53,40 отсто. Трети според раст во декември беа акциите на „Топлификација“ кои што скокнаа за 29,36 отсто.

Во групата на условно кажано „лузери“ беа акциите на „Цементарница УСЈЕ“ со пад од 21 отсто, потоа следат оние на „ФЗЦ 11 октомври“ кои што завршија во негатива од 14,29 отсто, а на трето место се приоритетните акции на „Скопски пазар“ со негатива од 11,56 отсто.

Најтргувани акции на официјалниот пазар, во пресметковниот период, се оние на „Фершпед“ кои што зафати 40,71 отсто од вкупниот промет, потоа хартиите од вредност на „Македонски телеком“ со 15,49 отсто учество во вкупниот промет, додека на трето место се акциите на „Макпетрол“ со 9,24 отсто.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.