Спорт

Се одржа вториот меѓународен отворен пинг-понг турнир за ветерани

Се одржа вториот меѓународен отворен пинг-понг турнир за ветерани

Во големата сала на СЦ „Борис Трајковски“, во организација на Пингпонгарската федерација на Македонија денеска се одржа вториот меѓународен отворен пинг-понг турнир за ветерани.

Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

„ Особено ме радува тоа што, пинг-понгот, како еден од најдинамичните и најатрактивните спортови во светот, би рекол по малку неправедно запоставен и во сенката на фудбалот, ракометот и кошарката, денес ќе биде во центарот на вниманието, на овој Втор меѓународен турнир за ветерани.Сакам да им честитам на организаторите на овој настан, Пингпонгарската федерација на Македонија, кои успеаја да привлечат многу натпреварувачи од Балканот и од Европа, и да и овозможат на публиката во Скопје необично убаво доживување со мајсториите на овој прекрасен спорт. Ви пожелувам, исто така, динамичен и забавен престој во Скопје, се надевам и убаво време, многу среќа и добри резултати“, истакна градоначалникот Трајановски.

Модератор на првенството беше нашиот познат комичар Војче Китановски, а во натпреварите учествуваа околу 120 натпреварувачи од: Романија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Македонија. Натпреварите се одржаа во 4 категории и тоа: од 40 – 50 години, од 50 – 60 години, од 60 години нагоре, и четвртата апсолутна категорија (сите заедно, плус женските натпреварувачки).