Балкан

Се’ уште нема купувач за „Кроација ерлајнс“

Се’ уште нема купувач за „Кроација ерлајнс“

За купување на 49 отсто од акциите на хрватската авиокомпанија „Кроација ерлајнс“, досега не стигнала ниту една понуда, пишува весникот „Јутарњи лист“.

Според тврдењата на Владата во Хрватска, постојат усни уверувања од индонезиската компанија „Гаруда“ дека нејзината понуда сепак ќе стигне во Загреб, пренесува весникот.

Рокот за продажба на „Кроација ерлајнс“ ќе биде продолжен за еден месец, доколку не стигне ниту една понуда.

Меѓу кандидатите за купување на акциите, освен „Гаруда“, се споменуваат и кинеската компанија „Чајна саудерн ерлајнс“, турскиот „Туркиш ерлајнс“ и „Етихад“ од Обединетите Арапски Емирати.

Без оглед на резултатите од тендерот, „Кроација ерлајнс“ ќе го продолжи планот за реструктуирање, но доколку не најде стратешки партнер ќе мора со сопствени средства да учествува во неговото кофинансирање, кое се проценува на сто милиони евра.

Во првите девет месеци од оваа година „Кроација ерлајнс“ оствари добивка од 2,7 милиони евра. Компанијата прв пат во 2007 година забележа нето добивка по третиот квартал.