Шампионската титула се поблиску до Итихат

Фудбалерите на Манчестер Сити се на само еден чекор од толку посакуваната шампионска титула во англиската Премиер лига.

Избраниците на Мануел Пелегрини не дозволија никакво изненадување во заостанатиот натпревар од 35. коло во англиската Премиер лига и сосема заслужено со убедливи 4:0 го торпедираа гостинскиот тим на Астон Вила кој успешно се бранеше до 64 минута од натпреварот.

Како и на претходниот натпревар, така и на овој, најзаслужен за освоените три бода е босанскиот интернационалец Един Џеко кој запиша нови два погодока на своето конто, а во самиот финиш од натпреварот во листата на стрелци се запишаа и Стеван Јоветиќ и Јаја Туре.

Шампионскиот пехар ќе се пресели на “Итихат” доколку фудбалерите на Манчестер Сити освојат само еден бод во последниот првенстве натпревар за оваа сезона, во дуелот против гостинскиот тим на Вест Хем.