Состанок за заштита на биолошката разновидност и намалување на деградацијата на земјиштето

Денеска, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и претставниците од канцелариите на УНЕП во Најроби и Виена, Адамоу Бухари и Пиер Карло Сандеи, се обратија на отварањето на иницијалниот состанок за новоодобрениот проектен концепт за постигнување заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирањето на намената на земјиштето.

„Целта на проектот е да се поддржи проширувањето на системот на национални заштитени подрачја и да се овозможат услови за ефективно управување и вклучување на прашањата за биолошка разновидност во различните производствени предели,“ изјави заменик министерот Темелковски.

Покрај тоа, проектот ќе овозможи и создавање на основа за развивање „индекс на црвена листа“, да се идентификуваат шумите богати со биолошка разновидност и да се развијат насоки за нивно управување, да се изработат дигитални карти/подлоги за просторна идентификација на значајните живеалишта и видови, како и да се обучат сегашните и идните инспектори за животна средина, ренџери, шумски чувари и претставници од локалните заедници.

Проектот, чиј концепт го изработи Канцеларијата на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) од Виена, ќе биде финансиран од страна на ГЕФ од националните алокации на Република Македонија за биолошка разновидност и деградација на земјиште, во висина од околу 3 милони долари.

Се очекува проектниот документ да биде изработен до крајот на оваа година и истиот да биде одобрен од ГЕФ на почетокот на 2015 година и да се спроведе во период од 4 години.