Проектот за изградба на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ стартуваше денеска.
Во следните три месеци ќе се урива старата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство на чие место ќе никне новиот и модерен Клинички центар.
Премиерот Никола Груевски кој денеска присуствуваше на стартот од градежните активности истакна дека се работи за голем проект во кој што ќе бидат вложени 70 милиони евра.
„Изградбата на клиничкиот центар ќе трае три години. На него работат експерти, архитекти со големо искуство во оваа област, што беше еден од условите кога го баравме изведувачот. Овде освен болничка, ќе се одвива и научна дејност, од која корист ќе имаат и медицинскиот персонал и пациентите“, истакна Груевски
Според плановите, во новиот објект ќе бидат сместени сите клиники освен Клиниката за инфективни болести.
Во него ќе бидат сместени сите клиники, освен инфективната клиника. На страна од клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе остане и Клиниката за детски болести, каде ќе биде сместена и детската хирургија. Три ката на Хирургија ќе бидат слепени со овој објект.
Со топол премин ќе биде поврзана и новата зграда на Клиниката за гинекологија.
Премиерот за оваа година најави уште неколку големи проекти во здравството како изградба на нова болница во Кичево, нова Клиничка болница во Штип, Детската клиника во Козле и изградбата на ПЕТ Центарот.