Трајановски: Паркирањето во градот да се уреди според законските прописи

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на денешната прес-конференција ја информира јавноста за активностите што ги презема Градот Скопје за надминување на проблемот со паркинзите на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), откако градоначалникот на општината Центар, Андреј Жерновски, на средба со медиумите обвини дека акцијата за отстранување на хоризонталната и вертикална сигнализација на паркинзите во Дебар Маало 2, која е најавена за 2 и 3 јуни 2014 година, претставува политичка пресметка.

„Сите општини во Градот Скопје што сакаат да уредат одреден сообраќаен режим за одредени делници, вклучувајќи го тука и паркирањето, се должни да изработат проект и да го достават до Градот Скопје. Градот Скопје тој проект потоа го доставува до Министерството за внатрешни работи, а од МВР откако ќе го разгледаат проектот може да издадат согласност за новиот сообраќаен режим или да не издадат таква согласност. Ако МВР издаде согласност за воведување нов сообраќаен режим за одредени делници, Градот Скопје е должен да изработи решение за воведување на режимот. Во овој случај, за воспоставување на паркиралишта во општината Центар, МВР не даде согласност. МВР не го одобри проектот на општината Центар зашто на посочените делници во Дебар Маало 1 и 2 веќе е воведен изменет сообраќаен режим, односно, воведен е еднонасочен сообраќај, па сега сообраќајот дополнително би се усложнил. МВР издаде препораки до општината Центар да изработат градежен инфраструктурен проект и да направат џебови за паркирање, а Градот Скопје го задолжи да ја избрише постојната хоризонталната сигнализација на посочените паркинг-места. Доколку Градот Скопје не ги преземе законските мерки за надминување на настанатата состојба со спорните паркиралишта во Дебар Маало 2 и не постапи во согласност со мислењето на МВР, нашите инспектори ќе заработат казни,“ изјави градоначалникот Трајановски.

Трајановски посочи дека Градот Скопје е заинтересиран паркирањето во градот да се уреди според законските прописи, со цел на граѓаните да им се понуди квалитетна услуга и доволен број паркинг-места.

„ Сакам да нагласам дека овде не станува збор за војна, како што не обвинија, ниту за какво било противење. Напротив, Градот Скопје ја поддржува општината Центар во своите напори да го регулира паркирањето на своето подрачје. Токму поради тоа, службите на Градот Скопје и на општината Центар повеќепати заеднички барале решение за настанатиот проблем, а јас и лично остварив повеќе средби со градоначалникот на општината Центар, Жерновски, и разговаравме на оваа тема. Градот Скопје е подготвен да ја продолжи добрата соработка, за да се решат проблемите на граѓаните,“ нагласи градоначалникот Коце Трајановски.