Во сабота Виенски бал 2016 во Скопје

Во сабота, во Хотелот Александар Палас, традиционално, по 17-ти пат ќе се одржи Виенскиот Бал во Скопје, во организација на Здружението за културна соработка “Јохан Штраус”, а под покровителство на  амбасадата на Република Австрија во Македонија.

Во валцерите на Штраус и врвната изведба на професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ под диригенство на маестро Саша Николовски – Ѓумар, ќе уживаат дамите во свечени фустани и господата во отмени костуми.

За атрактивните танцови точки и оваа година задолжени се членовите на „Прима Данца“, а ќе  настапат и првенците на Балетот при МОБ – Мими Поп Алексова-Атанасовска и Бобан Ковачевски. Посетителите, освен валцери, ќе танцуваат и на евергрини и на македонски хит рефрени во изведба на Нина Јанева, Горан Папаз, „2Exit“ и „Тумбао салса бенд“.

Оваа година, Балот има хуманитарна нишка, односно дел од средствата од продадените билети се наменети за лица со попреченост меѓу кои и лица со даунов синдром при Здружението за промоција на општествена инклузија, „Инклузивни решенија Скопје“.

Музика, танц, забава! Време е за Виенски бал во Скопје!