За 300 евра по човек пренесувале лажни азиланти до Германија

МВР уапси повеќе лица кои за пари пренесувале лажни азиланти од Македонија во Германија, соопшти министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Во првиот случај е поднесена кривична пријава против четири лица, од кои три се од Кочани, а едно од Скопје, на возраст од 36 до 49 години.

Осомничените требало за 300 евра по човек да пренесат четири лица од Кочани и Пехчево во Германија, наводно како економски азиланти. Азилантите биле префрлени до селото Горно Блаце, од кои тројца биле пренесени на косовската страна, а еден од нив, заедно со еден од осомничените легално ја преминал границата. Оттаму го продолжиле патувањето до Германија.

Во вториот случај е поднесена кривична пријава против педесет и шестгодишен битолчанец и уште едно се уште непознато лице кои исто така за пари пренесувале лажни азиланти во земјите на ЕУ и Шенген зоната.

Битолчанецот за 1.850 евра организирал превоз на шест лица од Битола, кои илегално преку граничниот премин Стење биле пренесени во Албанија. Пријавениот требало да дојде во Албанија од каде што заедно требало да заминат за Германија. Откако организаторот не дошол на договореното место, лицата азиланти го пријавиле на албанско-македонската граница кај Стење, при се утврдило дека тие ја напуштиле Македонија илегално.

Министерката Јанкулоска потенцираше дека во првите три месеци од 2014-та година освен овие е пријавено само едно дело на злоупотреба на безвизен режим во кое е поднесена пријава против три лица, за разлика од 2013-та кога биле евидентирани 13 дела, а пријавени биле вкупно 19 сторители.