
Судењето на поранешниот хирург обвинет за силување или сексуално злоставување на речиси 300 поранешни пациенти, главно деца, започнува денеска во Франција.
Жоел Ле Скуарнек (74) веќе е во затвор откако судот го прогласи за виновен во 2020 година за злоставување четири деца, меѓу кои и на две внуки.Во овој судски процес што ќе трае четири месеци, тој се соочува со обвиненија за сексуален напад или силување на 299 пациенти, што го направил додека тие се буделе од анестезија или за време на постоперативни прегледи.
Тој го направил ова во десетина болници меѓу 1989 и 2014 година. Вкупно 256 од 299 жртви биле на возраст под 15 години, најмладата имала една, а најстарата 70 години.
Ова судење несомнено ќе биде нов шок за Франција.
Судењето во градот Ван во западната област Бретања ќе биде јавно, но седумдневното сведочење на жртвите кои биле малолетни ќе се одржи зад затворени врати.
Доколку биде осуден, Ле Скуарнек се соочува со максимална казна од 20 години затвор бидејќи францускиот закон не дозволува додавање на казни дури и во случаи со повеќе жртви.