Јаневска: Се зголемуваат платите на наставниците за 7 проценти од март

Верувам дека многу скоро ќе се случи потпишувањето на новиот колективен договор за подобрување на правата на вработените во основните и средните училишта, а во оваа прилика сакам да информирам, како што и се договоривме, тие во март годинава
ќе го добијат второто покачување на платите за 7%, откако во октомври минатата година го добија првото за 5%.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на средбата со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, која е продолжение на конструктивниот социјален дијалог, а во насока на усвојување нов колективен договор за основното и средното образование.

-Постигнат е голем исчекор напред, усогласени сме по однос на поголемиот дел одпрашањата кои ги засегаат вработените во училиштата, а денес нашите преговори продолжуваат за да ја завршиме целосно работата на која се обврзавме ние како Влада од една страна и СОНК од друга страна, изјави Јаневска, напоменувајќи дека целта на Владата е да обезбеди долгорочна економска сигурност на вработените во училиштата и затоа е предвиден раст на платите за најмалку 46 проценти, а најмногу до 60 отсто до 2028 година, зависно од степенот на инфлација.

Министерката потенцираше дека за прв пат растот на платата е поврзан со степенот на инфлација, за да се обезбеди реално зголемување на приходите на вработените во основното и средното образование.