Истражниот комитет на Русија примил 143 извештаи за лица кои исчезнале за време на терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“, објави новинската агенција ТАСС.
„Истражниот комитет на Руската Федерација примил 143 пријави за жртви од нивни роднини или најблиски, кои велат дека исчезнале како резултат на терористичкиот напад“, се вели во соопштението.
Дополнително, Истражниот комитет соопштил дека се идентификувани 84 тела, меѓу кои и телата на пет деца.
„Се спроведуваат молекуларни генетски тестови за да се утврди идентитетот на останатите загинати луѓе“, соопшти Комитетот.
Моменталниот биланс на загинати во терористичкиот напад во „Крокус“ е 140. Според последните информации повредени се 360 лица.
Уапсени се 11 лица кои се осомничени дека се вмешани во терористичкиот напад, вклучително и четворица кои беа приведени во областа Брјанск, а за кои се смета дека се изрвшителите на масакрот.
Рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање рече дека, според прелиминарните информации, украинската страна подготвила „прозорец“ на границата специјално за терористите да поминат. Тој вети дека ќе ги идентификува и казни сите кои стојат зад нападот во Крокус.