По интерниот училишен состанок, штрајкот кој започна утрово во основното училиштето „11 Октомври“ во општина Центар е прекинат, наставата продолжува, а наставниците ќе можат да си ги добијат платите.
Централниот Регистар на Р. Македонија, постапувајќи по одлуката на општина Центар за разрешување на Даниела Костадинова и наименување на Васко Лазаревски за директор на ООУ “11-ти Октомври“, донесе решение, со кое за овластен потписник го именува Васко Лазаревски, посочуваат од Општина Центар.
Костадинова, која не се појави во училиштето, по решението, согласно законските прописи, треба да се врати на поранешното работно место, а тоа е одделенски наставник во ООУ “Рајко Жинзифов“ во с.Драчево, општина Кисела Вода.
Вработените во ова центарско основно училиште, како и во другите општински основни училишта, ќе ја примат октомвриската плата откако Министерството за образование ќе ги заврши процедурите.
Општина Центар навреме ги заврши своите обврски околу платите на вработените и неопходната документација ја достави до надлежното министерство, се вели во соопштението на општина Центар.
Вработените во ООУ „11-ти Октомври“ вчера најавија штрајк, поради неколку месечниот хаос што се случува во тоа ушилиште.