Почна изградбата на логистичко дистрибутивен центар во општина Петровец

Во индустриската зона Чојлија во општина Петровец денеска почна изградбата на логистичко дистрибутивен центар на „Тинекс“ со големина од 22.000 метри квадратни, инвестиција вредна околу 14 милиони евра, пренесува МИА.

На почетокот на поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, инвеститорот Владимир Тодоровиќ и градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски.

Груевски: Петровец прерасна во една од најинтересните општини за инвеститорите

Инвестицијата на „Тинекс“, како што информира премиерот Груевски, се проценува на околу осум милиони евра со кои до крајот на следната година на површина од 11.000 метри квадратни се очекува да се изгради новиот логистичко-дистрибутивен центар.

Со неговата изградба ќе се отворат околу 100 нови работни места со што „Тинекс“ продолжува да биде еден од најголемите работодавачи меѓу ланците на маркети во Република Македонија, рече Груевски.

Според него, Петровец прерасна во една од најинтересните општини за инвеститорите, што се покажува и преку 77-те парцели во зоната Чојлија, кои се продадени, а на 17 од нив веќе се градат фабрики и дурги објекти.

За околу еден месец се очекува да се пушти новата фабрика на македонско-австриската фирма Квембергер. За неколку месеци се очекува да почне со работа новата италијанска болница на „Еуроиталија“, а поголем број други компании се подготвуваат за своите инвестиции тука во Чојлија, истакна Груевски.

gruevski-kjojlija-tineks-1

Премиерот го поздрави деловниот потфат на Тинекс за општествената улога во државата и најави проширување на зоната Чојлија и отворање можност за нови инвестиции.

Тука во Чојлија се спремаат да градат и други инвеститори, а ние како Влада заедно со Општината се спремаме да ги обезбедиме сите потребни процедури за проширување на зоната и отворање можности за влез на нови инвеститори во Петровец. Интересот е голем и во таа насока, покрај оваа зона, заедно со Општината започнавме со постапка за пренамена на земјоделско земјиште во градежно со цел да се отвори можност за изградба на дополнителни две индустриски зони. Едната помеѓу Ржаничино и Катланово, а втората меѓу Ржаничино и Таор, истакна Груевски.

Двете зони очекува да овозможат преку 20 хектари ново земјиште на кое ќе може да се лоцираат нови објекти, нови фабрики и да се отворат нови работни места.

Тоа е нашата цел, тоа е нашата заложба за која постојано работиме, а ваквите настани се само мотив повеќе да продолжиме да работиме на подобрување на бизнис климата, да креираме и поттикнуваме услови за нови домашни и странски инвестиции и на тој начин да продолжиме со добрите економски резултати на Република Македонија. Со истото темпо и енергија продолжуваме и понатаму, рече Груевски.

Објектот ќе се гради во две фази

Инвеститорот на логистичко дистрибутивниот центар, Тодоровиќ информира дека објектот ќе се гради во две фази. Во првата фаза ќе се гради објект со површина од 11.000 метри квадратни, инвестиција од осум милиони евра. Со исто толкава површина ќе биде и втората фаза за што ќе бидат инвестирани шест милиони евра. Во двете фази ќе бидат вработени по 100 лица.

 Логистичкиот центар ќе биде опремен со најсовремена опрема за прием, складирање и испорака на стоки до малопродажните места што ги има нашата компанија во својот состав. Посебна предност ќе биде компјутерскиот софтвер со кој ќе се менаџира целокупното работење и ќе овозможи навремена и експедитивна достава, дистрибуција на стоките до маркетите, подготовка и обработка на транспортната придружна документација со што и грешките ќе бидат сведени на минимум, рече Тодоровиќ.

Посочи дека на вработените во овој логистички центар ќе им биде на располагање кујна во која ќе се подготвува топол оброк, соблекувални, тушеви и други помошни простории.

Градоначалникот Митевски нагласи дека со поддршка на Владата општината ќе продолжи во проширување на индустриската зона Чојлија бидејќи имало огромен интерес.

Ова е најголемата индустриска зона во општината, на површина од 196 хектари. Во тек е проширување за уште 28 хектари, што значи за уште минимум 25 нови инвеститори, истакна Митевски.

Општина Петровец има три индустриски зони во Долно Коњари, Ржаничино и најголемата во Чојлија.