
Актуелниот светски и европски шампион, репрезентацијата на Шпанија и понатаму ќе остане непремостлива пречка за националниот тим на Италија.
Пријателскиот натпревар помеѓу финалистите на последното ЕП во Украина, одигран на „Винсете Калдерон”, заврши со минимален триумф на „црвената фурија”, а единствениот погодок на натпреварот, постигнат во 63 минута беше дело на крилниот напаѓач на Барселона, Педро Родригез.
Идентичен триумф, но над селекцијата на Данска, забележа репрезентацијата на Англија, а без погодоци заврши пријателската пресметка во Букурешт, помеѓу репрезентациите на Романија и Аргентина.
Сигурен триумф од 2:0 над селекцијата на Холандија забележаа репрезентативците на Франција, а Германија забележа минимална победа од 1:0 над националниот тим на Чиле.
Поинтересни резултати: Шпанија – Италија 1:0, Португалија – Камерун 5:1, Франција – Холандија 2:0, Германија – Чиле 1:0, Англија – Данска 1:0, Романија – Аргентина 0:0, Швајцарија – Хрватска 2:2, Ирска – Србија 1:2, Белгија – БСК 2:2, Австрија – Уругвај 1:1, Турција – Шведска 2:1, БиХ – Египет 0:2, Црна Гора – Гана 1:0, Ј.Африка – Бразил 0:5.