Јункер: Излегувањето на Грција од еврозоната може да ја поткопа довербата во еврото

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека излегувањето на Грција од еврозоната може да ја поткопа довербата во единствената европска валута.

– Не го делам тврдењето дека ќе имаме помалку грижи и ограничувања ако Грција се откаже од еврото – наведува Јункер во интервју за денешен Зидојче цајтунг.

Шефот на ЕК изрази став дека повлекувањето на која и да е држава од еврозоната ќе создаде впечаток дека еврото не е нешто незаменливо.

Тоа може да ги натера меѓународните инвеститори да се повлечат од Европа, предупредува тој.

Грција и кредиторите од еврозоната и ММФ со месеци водат преговори без признаци за конечно решавање на тоа прашање.

Јункер кој денеска ќе има средба со германскиот канцелар Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд вели дека Грција ќе биде на дневен ред на разговорите и покрај тоа што тоа не е официјален повод за нив. Тој го повика ММФ да го продолжи учеството во напорите за спасување на Грција.

Поврзани вести