Главната работа на Комисијата за верификација на фактите, чија работа беше заоснована и насочена кон утврдување на фактите е завршена и може да се очекува заокружување на тој процесот на лустрација, посочува во интервју за „Република“ претседателот на Комисијата, Томе Аџиев.
Комисијата за верификација на фактите до сега утврди соработка со органите на државната безбедност на над 300 лица, а провери повеќе од 30.000 лица поранешни носители на јавна функција, јавна дејност или со јавни овластувања, сегашни носители на овие функции, како и кандидати за овие функци. Меѓу лустрираните се најдоа професори, писатели, поранешни министри, политички функционери, јавни личности. Иако на почетокот сите го поддржуваа процесот, не сите по извшреното лустрирање се согласија со работата на Комисијата. Аџиев, во интервју за Република истакнува дека таквите напади пред се доаѓаат од оние кои заради политички и идеолошки побуди ги кршеле или ограничувале основните слободи и права на граѓаните, а за сметка на тоа се стекнале со привилегии за себе или за своите блиски и сега се чуствуваат засегнати.
Главната работа на Комисијата за верификација на фактите, чија работа беше заоснована и насочена кон утврдување на фактите е завршена и може да се очекува заокружување на тој процесот на лустрација, посочува во интервјуто Аџиев.
-Комисијата и покрај притисоците со кои во континуитет се соочуваше од страна на противниците на процесот на лустрацијата, работеше напорно и посветено и успеа и пред предвидениот рок да ги исцрпи претпоставките и планирањата за својот мандат. И можам да кажам дека еден идеолошки процес кој беше очекуван од нашите граѓани за исправање на една историска неправда која некои луѓе ја правеле од политички и идеолошки побуди на сметка на демократските и граѓанските права на лицата – жртви на тој режим и судбините на нивните семејства е заокружен. Нашата работа слободно може да приврши во наредниот период од месец до два. Јас и членовите на комисијата сме задоволни од она што го постигнавме, а постигнавме многу- оцени Аџиев.
Покрај огромните напади и отпор кој се случи на процесот на лустрација, од оние кои застапувале, односно практикувале вредносен систем кој е веќе заменет со друг систем на вредности, тие, со мали исклучоци, останаа доминантни во институциите и во граѓанскиот сектор, регрутирајќи нови војници. Затоа и нивното спротивставување и гласност против лустрацијата беше толку упорно и агресивно. Но дека комисијата, како државен орган, беше на правиот пат се потврди и преку односот на широката јавност кон процесот на лустрација и комисијата. Специјалниот известувач на Обединетите нации за слободата на изразувањето, Френк Ла Ру пред две години токму во правец на одвивањето на нашиот процес на лустрација изјави дека „Лустрацијата во Република Македонија се спроведува онака како што треба, јавно и транспарентно“ и како што кажа тој „Таа е позитивен пример, добра пракса“.
Аџиев истакнува дека за овој процес е важно следењето на европските норми и директиви кои го пропишуваат во детали одвивањето на овој комплексен процес, како и досегашното работење на комисијата која се движеше во тој правец и согласно европските стандарди.
Инаку, рамката врз која се изгради процесот на лустрација во Република Македонија, беа двете резолуции на Парламентарното собрание на Советот на Европа, (во 1996 и 2006 година), но и препораките од проектот „Разоткривање на скриената историја- Лустрација во земјите од Западен Балкан“ финансиран од Европската Унија и УСАИД, во кој во рамките на БТД-Балканска доверба за демократија – Проект на германскиот Маршалов фонд, ја истакнаа меѓу другото и потребата да се изготват и донесат сеопфатни закони за лустрација и дека примената треба да го вклучува не само периодот до 1990 година, туку и периодот до донесување на закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
-Лустрацијата во Македонија одблежува еден историски процес. Задачата на Комисијата за верификација на фактите не беше оспорување на делата или општествениот придонес на лустрираните, туку обелоденување на нивната соработка и напредокот во кариерата или личниот бенефит кој го имале на сметка на таквата соработка, која во најголемиот дел од пост комунистичките земји се обелодени и заврши успешно. Во овој болен процес на лустрација можеби беа најгласни оние кои беа засегнати, но треба да се има во предвид дека комисијата работи согласно утврдување на факти и пишани документи, кои се архивирани, но, од друга страна и да го истакни тоа што е направено, да не се заборави штетата која била правена и на жртвите од овој процес, оние кои биле следени или набедувани, затворани, судени, сето поради идеолошки, политички или други причини- истакнува Аџиев кој додава дека оние мал број земји кои го спровеле досега овој процес, имаат обврска согласно европските резолуции, искуството кажува, дека на Чешка, Германија, Полска, Бугарија, спроведувањето на процесот на лустрација, во големо им помогна побрзо да го пребродат преминот од еден систем во друг, од еден вредносен систем во друг.
Целото интервју може да го прочитајте го на овој линк.