Со проектот „Македонија вработува“ досега вработени 3.140 лица

Со проектот „Македонија вработува“ досега вработени 3.140 лица, а од нив 190 во Прилеп, информира министерот Диме Спасов при денешната посета на Центарот за социјални работи во Прилеп.

Проектот, нагласи тој, е многу значаен, зашто ќе помогне во намалување на невработеоста во Македонија и помага да се отворат нови работни места во приватниот сектор.

– Досега, заклучно со вчерашниот ден на ниво на Македонија, за околу два месеца и десетина дена се вработија 3.140 лица и очекуваме бројката да расте, во текот на летото, а уште повеќе од октомври. Во Прилеп досега се вработени 190 лица. Овозможени се значителни поволности за приватните компании за да ги мотивираме да отворат нови работни места. Компаниите заштедуваат од 27 до 30 проценти од проесечната бруто плата за период од три до пет години односно целосно се ослободени од плаќање социјални придонеси за повеќе категории граѓани, изјави Спасов.