
Во вечерните часови тетовското подрачје е зафатено од големо невреме, известува Дирекцијата за заштита и спасување од Тетово.
Поројниот дожд и силниот ветер предизвикаа застој во сообраќајот во дел од овој регион. Излеана е реката Пена, забележани се повеќе одрони и свлечишта.
Дирекцијата за заштита и спасување со вработените од подрачното одделение во Тетово е излезена на терен и ја следи ситуацијата. Во овој момент се ангажирани 8 градежни машини кои помагаат во расчистување на теренот од надојдената вода . Доколку е потребно ќе бидат ангажирани и дополнителни машини.
Според извештајот во 20:30 часот, по големото невреме состојбата се стабилизира, се намалуваат врнежите, почнува да се повлекува реката Пена. По повлекување на водата остануваат наносите од кал и дрва.

Се апелира до граѓаните на зафатениот регион да го намалат движењето, особено со моторни возила освен ако тоа не е неопходно, за да се овозможи несметано движење на механизацијата која работи на терен.
Патните правци Тетово-Јажинце и Тетово-Попова Шапка во прекин
Поради излевање на реката во село Доброште и големо невреме во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Тетово-Јажинце и обратно. Во прекин е и сообраќајот на патниот правец Тетово-Попова Шапка поради свлечишта и камења на патот.
Сообраќајот на сите државни патишта, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија, се одвива по наместа влажни коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.
Од невремето на подрачјето на Тетово, во село Шипковица до сега има нови три жртви и повеќе повредени лица. Оваа сеуште се непотврдени информации.