
Денеска во Куманово, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, присуствуваше на отворањето на приватниот центар за ран детски развој „Балтазар”. Дејноста за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст покрај тоа што се врши во јавните и приватните детски градинки, се врши и во јавните и приватните центри за ран детски развој.
Како резултат на најзначајните поволности и иницијативи кои што ги имаме како министерство придонесовме во изминатите неколку години значително да се зголеми бројот на приватните детски градинки. Во моментов се отворени вкупно 21 приватна детска градинка и набрзо ќе бидат отворени уште 2 и има уште неколку приватни бизнисмени кои што се заинтересирани да отворат приватни детски градинки, истакна Спасов.
Во Македонија има 15 Центри за ран детски развој
Се зголемува и бројот на центри за ран детски развој односно има вкупно 15 центри од кои што 3 се приватни односно овој центар е трет кој што се отвора по ред и е исто така приватен и очекуваме во наредниот период уште повеќе да се развива оваа дејност.

Спасов појасни дека Центрите за ран детски развој ја вршат функцијата слична како приватните градинки односно вршат згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст и ги спроведуваат програмските активности од програмата за рано учење и развој на деца од 3 до 6 години.
Значајно е да се истакне дека токму за оваа категорија на деца од возраст од 3 до 6 години изминатите години значително се зголемува бројот на опфат на деца во градинките и во центрите за ран детски развој. За децата од 3 до 6 години во 2006 беа опфатени околу 11.600 деца, односно 12,1% од вкупниот број на деца од 3-6 годишна возраст, а во 2015 година опфатени се 27.200 деца односно 38,5% од вкупниот број на деца од 3-6 години што е значително зголемување на опфатот на деца во детските градинки и центрите за ран детски развој, рече Спасов.

Како Влада и понатаму ќе продолжиме со низа поволности да го поддржуваме приватниот сектор со цел да се зголеми бројот на центри за ран детски развој меѓутоа и на приватните градинки. Особено е битно и да се спомене дека голем дел од овие приватни субјекти ги користат и мерките за вработување како што ме информираа токму тука ќе се отворат 4 работни места од кои што 3 ќе бидат од мерките за вработување кои што ги нудиме преку Агенцијата за вработување што и дополнително ќе влијае намалување на невработените во општините во Република Македонија, посочи Спасов.