„Република“: Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком

Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком. Ова е насловот на текстот што денес го објави порталот „Република“.

Во време на големата корупциска афера Телеком, кога менаџери на унгарската компанија Маѓар Телеком и на германската Дојче Телеком потплатувале функционери на македонската Влада со цел да биде продолжен монополот на Македонски Телекомуникации, Радмила Шекеринска беше вицепремиерка во Владата на Бучковски, задолжена за европските интеграции.

„Република“ приложувајќи повеќе документи, пишува дека токму преку тогашниот ресор на Шекеринска до Владата, биле упатувани барања од страна на Европската Комисија за конечно да се дозволи влез на сериозни конкурентски компании во телекомуникацискиот пазар, кои ќе овозможат намалување на екстремно високите цени за телеком – услугите.

„Република“:  Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком
„Република“: Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком

Но, место да ги исполни препораките на Европската Комисија, секторот за европски интеграции со кои раководеше Шекеринска испраќал лажни ветувања до Брисел, а од друга страна, таа директно соработувала со Маѓар Телеком. Името на Радмила Шекеринска се посочува во документите доставени пред Окружниот суд во Њујорк, во врска со корупцискиот скандал Телеком, во порака испратена од контроверзниот директор на Македонски Телекомуникации Атила Сендреи. Во пораката, која Сендреи ја испратил на 16 јануари 2005 година до менаџерот на компанијата Дејан Силјановски, е содржан детален опис на активностите на Македонски Телекомуникации во нивниот обид да се спречи либерализација на пазарот, а еден од тие чекори бил компанијата да подготви верзија на законот за електронски комуникации скроена според интересите на унгарската компанија и таа да и биде дадена на Шекеринска, пишува „Република“.

Порталот пренесува дел од точките содржани во документот, во кои стои дека токму Македонски Телекомуникации и Маѓар Телеком на Шекеринска и предале ноз закон.

„Македонски Телекомуникации заедно со Маѓар Телеком во април 2004 година подготвија целосно нов закон за телекомуникации и и го предадоа на госпоѓица Шекеринска”, пишува во една од најскандалозните точки од документот испратен од Сендреи.

„Република“:  Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком
„Република“: Сендреи на Шекеринска и дал нацрт закон по мерка на Маѓар Телеком

Во документот дополнително се опишува како Шекеринска, како клучен член на Владата на Бучковски, била информирана од страна на Европската Комисија дека Македонија мора да го либерализира телекомуникацискиот пазар, и дека во спротивно на земјата и се заканува долгогодишен застој во евро-интеграциите.

На 16 декември, секторот за надворешни работи на Европската Комисија испрати писмо до госпоѓица Шекеринска во врска со кршењето на спогодбата од страна на Македонија во врска со телекомуникациите и за одложувањето на носењето на новиот закон за телекомуникации. Ова поттикна промени и забрзување на процесот на имплементација, бидејќи на Македонија и се закануваше интеграцијата во ЕУ да биде одложена за три години”, пишува во документот испратен од Сендреи, а кој е заведен во доказниот материјал во судот во Њујорк кој го истражува корупцискиот случај Телеком како доказ број 103-26.

Во документот се наведува дека експерти на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации формирале работна група во која учествувале Лидија Ивановска (мајка на пратеникот Игор Ивановски – Шема), претставници на Министерството за транспорт и врски идиректорот на Агенцијата за електронски комуникации Коста Трпковски и подготвиле текст на нацрт закон за кој Сендреи вели дека бил „95 проценти во согласност со нашите барања”.

„Република“ повикувајќи се на голем број документи доставени до судот во Њујорк, пишува оти е јасно дека барањата и интересот на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации бил што подолго да се задржи нивната скоро монополска позиција на пазарот во Македонија и да се спречи влез на сериозни конкурентски компании.

Во документот испратен од Атила Сендреи се вели дека Радмила Шекеринска побарала од Вецко Буревски, директор на одделението за пошти и телекомуникации во Министерството за транспорт и врски, до јуни 2004 година да ги преведе директивите на Европската Унија во областа на телекомуникациите. Но, поради смена на Буревски од функцијата и ангажирањето на агенцијата УСАИД за изработка на поинаков закон за телекомуникации, кој предвидува либерализација на пазарот и кој би бил во согланост со европските стандарди, Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации почнале кампања за вршење притисок врз Владата и потплатување на пратениците од коалицијата СДСМ-ДУИ-ЛДП Собранието за да се усвои верзијата на законот која била во нивен интерес.

Постојано им дававме совети. Работевме заедно со работната група, преку официјални и неофицијални канали, им помагавме да подготват закон кој ќе биде во согласност со Европската Унија, но ќе биде полезен и за државата и за Македонски Телекомуникации. Ова значеше средби и предавање на пишан материјал на Лидија Ивановска, Коста Трпковски, Вецко Буревски, но и нивно подготвување и информирање. Повеќе од 10 нацрт верзии на законот беа подготвени од Македонски Телекомуникации, со многу дискусии”, пишува во пораката од Атила Сендреи, во која е наведена и дека компанијата има на страна два милиони евра подготвени за потплатување на македонски политичари доколку во Владата или Собранието дојде до сериозни отстапки од интересите на Маѓар Телеком и Македонски Телекомуникации.

„Република“ пишува дека потврдата оти Шекеринска не успеала никого да излаже стои и во извештајот за напредокот на Македонија за 2006 година, во кој е наведено дека земјата постигнала одреден напредок во исполнување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, но не ги исполнува сите свои обврски, при што забележително е неисполнувањето на обврската за либерализирање на телекомуникацискиот пазар.

Веќе во следниот извештај, за 2007 година, откако новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА почна да го отвора пазарот за конкуренција, Европската Комисија забележува дека е постигнат добар напредок.

 

Текстот во целост, како и документите со подорба резолуција може да ги погледнете на „Република“.