Приведени дванаесет лица во големата полициска акција

Дванаесет лица се приведени во големата полициска акција што се спроведуваше утрово. Меѓу приведените е и висок функционер во Основниот суд во Куманово.

Од Основното Јавно обвинителство соопштуваат дека е донесена наредба за спроведување на истражна постапка против 12 лица, приведени во полициската акција која во текот на ноќта и утринава се спроведуваше во повеќе градови во земјава.

Едно од осомничените лица се гони за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ кој ги сторил вршејќи висока функција во Основниот суд Куманово.

Останатите единаесетмина се гонат за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“, „Лихварство“, „Изнуда“ и „Криумчарење мигранти“.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежен обвинител предложи до Судијата на предходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје за сите дванаесетмина да се определи мерка Притвор. Истрагата во надлежното обвинителство продолжува, се вели во соопштението.