
Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров во понеделникот се сретна со cпецијалниот пратеник на Обединетите нации за разговорите за името меѓу Република Македонија и Република Грција, Метју, при што беа разменети размислувања за натамошно унапредување на дијалогот меѓу двете држави во светло на нашите европски и евро-атлантски аспирации.
Како што информираат од македонското МНР, министерот Димитров информирал амбасадорот Нимиц за разговорите со државниот и политички врв за време на неодамнешната посета на Атина.
Димитров ги повторил заложбите на Република Македонија за натамошно продлабочување на билатералните односи, засновани на добрососедство, што е од интерес за стабилноста и економскиот развој на регионот. Истовремено, го истакнал значењето на имплементацијата на мерките за градење доверба, како и потребата од нивна натамошна диверзификација, со особен фокус врз интеракцијата меѓу младите.
Во овој контекст, соговорниците ја истакнаа потребата од зајакната комуникација на политичко ниво, но и интензивирање на економската размена и секторската соработка. Министерот Димитров посочил дека новата реформска влада на Р. Македонија во разговорите со нашиот јужен сосед влегува отворено и без предрасуди и скриени агенди.