Судот не потклекна на притисоците од власта за случаите на СЈО

Правните експерти, кои ги консултираше НетПрес, велат дека постојаните изјави кои Зоран Заев ги дава во јавноста, почнувајќи од изборната кампања, па до денеска, дека тој судството ќе го „реформира“, ќе го распушти целосно и потоа ќе бидат избрани нови, според него „професионални“ судии, не се ништо друго туку континуиран јавен притисок врз судиите.

Тие сметаат дека „реформирање“ на судството всушност значи негово целосно партизирање, со поставување на кадри цврсто лојални на СДСМ и послушни за извршување нарачки.

Исто така, наведуваат, дека и статусите кои на социјалната мрежа „Фејсбук“ ги пишуваат владини функционери, пратеници и партиски функционери на СДСМ, симпатизери или членови на оваа политичка партија, а се однесуваат на одлуките на судот за предметите на СЈО, се исто така јавен притисок врз судството и врз судиите.

Секоја изјава во јавноста, напишан став на социјалните мрежи, или пак, објавен тенденциозен текст во медиум, а во кои се искажува незадоволство за одлуките на Судот за предметите на СЈО, или се оценува работата на на Судот, е ништо друго освен притисок врз судството и судиите, сметаат правниците.

Според нив, последните дузина обвиненија на СЈО со барањата за притвор за сите обвинети лица, може да се сфатат само како тест за судиите од страна на актуелната власт. Но, тие сметаат дека сепак, судиите останале доследни и професионални и не подлегнале на притисоците и заканите од власта.

Судски извори за НетПрес велат дека притисоците врз судиите од страна на власта и партиски луѓе на СДСМ биле големи, и оделе дотаму што преку „курири им биле праќани абери, за тоа какви одлуки треба да донесат за некои обвинети, особено од раководството на ВМРО-ДПМНЕ“. Нашите информации велат дека биле ветувани и „јаки награди за оние судии кои ќе бидат расположени за соработка“, но биле упатувани и закани од типот дека „треба да мислат на својата професионална иднина“.

Увереноста, пак, во својата правна невиност, и ставот дека против него се води само политички прогон, а не и правен, ја покажа на дело лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со тоа што на 30 јуни, годинава, денот кога СЈО поднесе обвинение против него, поднел барање за симнување на пратеничкиот имунитет. Од друга страна, Зоран Заев, никогаш не се откажа од неговите аболиции, и со тоа ја остави дамката и сомнежот врз себе дека тој сепак го прекршил законот и е виновен за делата за кои се гонел пред да биде аболициран.

Но, Специјалното јавно обивнителство, не покрена кривичен прогон само против членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО отвори неколку предмети против високи функционери на Демократската унија за интергација (ДУИ), но одлучи да не покрене обвинение против ниту еден од нив. Претпоставките се дека ова е сторено за да не се растури коалицијата СДСМ-ДУИ и со тоа да не падне владата на Зоран Заев. Оттука се отвора прашањето дали можеби ДУИ е уценета да коалицира со СДСМ?

Дека СЈО врши политички, а не и правен прогон, докажува и тоа што оваа институција, оформена со политички договор, се откажа од кривичен прогон против Зоран Заев и луѓе блиски до него, и тоа чекор преземен со правно неиздржан изговор, сметаат познавачите.

Сепак, за последните случувања околу обвиненијата на СЈО, по изречените мерки за претпазливост, правните бранители на сите обвинети, но и специјалните обвинителите, најавија жалби на одлуките на судот. Според законот, жалбите се поднесуваат во рок од 72 часа од донесувањето на одлуката, до Апелациониот суд, кој пак има рок од два дена од примањето на жалбата да се произнесе за неа, дали ќе ја отфрли или ќе ја прифати.