З. Иванов: Во државите кои ги примија мигрантите рапидно е зголемен бројот на сексуални и терористички напади

Директорот на Агенцијата за разузнавање Зоран Иванов на денешната седница на собраниската Комисија за труд и социјална политика каде се разгледуваат националната стратегија и акцискиот план за бегалци и странци, истакна дека досега Македонија успешно се справи со мигрантската криза при нивното прифаќање, транзит и излез од земјава.

„Денеска имаме едвај 20 мигранти за разлика од соседите околу нас“, вели Иванов. Појасни дека мигрантската криза не може да помине без закани и ризици. Според него државите кои примија поголем број на мигранти имале проблем со културолошката разлика, отпорот на мигрантите за интеграција во државите, екстремни групи против мигрантите и зголемен насилен криминал и криумчарење мигранти.

„Рапидно е зголемен бројот на сексуални напади и терористички напади, посочи Иванов додавајќи дека во европска држава која не сакаше да ја именува, сексуалните напади се зголемиле за 527 проценти од почетокот на мигрантската криза“,прецизираше Иванов.

Според него, во екот на мигрантска криза многу лесно може да се радикализираат мигрантите и предупрееди дека дел од овие луѓе учествувале во воените конфликти и биле дел од терористичките организации.

„Европа има проблем со идентификација на овие луѓе“, појасни Иванов кој додава дека и од почетокот на мигрантската криза зајакната е индустријата за фалсификати оти нивниот квалитет е зголемен.

Како пример за ова истакна дека Германија имала потреба и барала инженери од автомобилската индустрија, а луѓето кои влегувале во Македонија имале документи дека се инженери, за што подоцна било утврдено дека документите се лажни и доаѓале од некој институт од Алепо.

Иванов истакна дека за време на мигрантската кrиза утврдени се 8.000 фалсификувани документи. Посочи и дека мигрантите кои побарале азил во Република Македонија не прашувале за условите или за општеството во државата, туку колкава е социјалната помош и која невладина организација е задолжена за оваа помош.

„Македонија нема да остане имуна на предизвиците и ризиците од миграцијата“, истакна Иванов.

Како најголеми предизвици од миграцијата, Иванов посочи дека се религисите и екстремистичките идеологии, слабата соработка со Агенцијата поради тоа што Р.Македонија не е во Европската Унија и нетипичните вируси и болести кои овие луѓе ги носат со нив. Појасни дека некои колеги од партнерските служби завршиле во специјални болници во Англија и Франција поради овие болести.