
„Дипломатските“ екскурзиите на премиерот Зоран Заев, досега на јавноста и дадоа добар „материјал“ за потврда на хаотичниот политички правец во кој ја движи државава, од вербални лапсузи за внатредржавни состојби, до непромислени официјални ставови на меѓудржавно ниво. Оттука и неможноста да се најде некој логичен континуитет во делувањето на новата Влада во делот на меѓународните односи.
Имено, Заев кој деновиве е во официјална посета на Израел, според информациите од владината служба за информирање го посетил Меморијалниот центар на Холокаустот во Ерусалим, положил венец во Холот на Сеќавањето за 6-те милиони Евреи жртви на Холокаустот и присуствувал на молитвата за загинатите, а од друга страна, потпиша Договор со Бугарија, земја која во Втората светска војна депортираше од Македонија над 7.000 Евреи во логорот Треблинка во Полска.
И токму, според тој Договор за добрососедство, Македонија се обврза на „ревизија“ на историски факти, дека Бугарија како сојузник на фашистичка Германија во Втората светска војна, не е „фашистичка“ и не придонела за голготата на Евреите.
Значи, холокаустот, кога станува збор за Бугарија, раководството на земјава тивко го игнорира, а по потреба и ќе го избрише од училишнте учебници, а сега во Израел се поклонува на жртвите на најголемото зло во поновата човекова историја.
Некако приказната се повторува, како некој веќе патентиран дипломатски успешен код за водење надворешна политика. Приказна за пиши-бриши дипломатија, која открива само инфериорност, неусоглсени политички цели и нејасен концепт за иднината за земјава.
Не му е јасно веројатно ниту на премиерот, кој ако треба ќе го проголта и ставот за фашизмот на Бугарија, па и тоа дека не учествувала во Холокаустот во Македонија, но, и државнички ќе се поклони на жртвите во Музејот во Израел.
Ова излегува нешто како подвоена личност која оди во две крајности, се разбира, во сервис на новата политичка стратегија, доколку ја има.
Заев на оваа тема се однесува како Симон Визентал, најпознатиот ловец на нацисти, кој својот живот го посветил на борбата против антисемитизмот и помогнал во апсењето на повеќе од 1.100 нацисти по Втората светска војна, но истовремено и како Махмуд Ахмадинеџад, поранешниот ирански претседател, кој порекнува дека холокаустот воопшто постоел и дека сето тоа е меѓународна еврејска завера.