
На листата со личности за коишто е проценото дека претставуваат опасност по националната безбедност на САД, се наоѓаат 33 Албанци од Косово, како и тројца од Македонија и еден од Албанија, објавува дневниот весник „Bota Sot“.
Написот во приштинскиот весник со наслов „Црна листа: Ова се политичарите од Косово кои не може да патуваат во Америка“, наведува дека актуелениот премиер на Косово, Рамуш Харадинај, не добил виза да патува во САД и се додава дека „освен него, има уште 37 видни Албанци, кои се на списокот на непожелни во САД“ и кои на листата на американскиот претседател Доналд Трамп се опишани како опасни личности.
„Даут Харадинај, Реџеп Селими, Азем Сула, Фатмир Лимај, Рамиз Ладровци, Сами Луштаку се дел од имињата на државјани на Косово кои САД ги сметаат за ‘опасни личности’ по нивната безбедност“, пишува „Bota Sot“.
Според весникот, на списокот со опасни личности за безбедноста на САД на американскиот претседател Доналд Трамп од Македонија се Мендух Тачи, Гафур Адили, шеф на политичкото крило на ткн Албанска национална партија (АНА) и Нури Беџети.
Од Албанија на списокот е Идајет Бекири, адвокат и лидер на Партијата за албанско национално единство и политички претставник на Фронтот за национално обединување на Албанците.