Законот за амнестија ги стави во клинч законодавната, извршната и судската власт

Закон за амнестија кој ќе опфати поголем дел од обвинетите во случајот „27 април“, предизвика реакции не само кај јавноста, туку и кај правната фела.

Иако се’ уште не е познато кој точно од обвинетите ќе бидат амнестирани, полемика предизвикува и фактот што аменстијата се носи во тек на незавршен судски процес, а повеќе од очигледно е и мешањето на законодавната и извршната во судската власт, во името на извесно „национално помирување“.

Според Законот, секој обвинет во рок од пет дена од правосилноста на законот треба да поднесе барање до судот да биде амнестиран. Судот го носи решението во рок од пет дена по приемот на барањето, но претходно мислење треба да даде јавната обвинителка Вилма Русковска.

За судијката Добрила Кацарска овој закон има многу нејаснотии и е донесен предвреме, бидејќи фактите првенствено треба да се докажат во судската постапка, односно прво процесот треба да биде целосно завршен.

Добрила Кацарска

Обвинителот Русковска, пак, во медиумите посочи дека Законот предвидува амнестија само за поединечни дејствија и таа не се однесува на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое процесот ќе продолжи.

И според специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, амнестијата ќе има влијание врз судот и основното јавно обвинителсто.

 На основното јавно обвинителстово и на судовите оваа амнестија сигурно ќе влијае, но не би сакала да коментирам нешто што не е во мој домен – изјави Јанева.

Од друга страна, пак, според владиниот портпарол Миле Бошњаковски Владата не се меша во судството, туку поддржува акти со кои ќе се дефинира помирувањето.

Пратениците од власта и дел од опозицијата ја прифатија иницијативата дадена од претседателот на владата, Зоран Заев, и во Собранието се формираше Интерпарламентарно тело за интеграција, реформи и помирување. Како што кажавме и повеќе пати, Владата поддржува акти со кои ќе се дефинираат помирувањата. Овие политички одлуки носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема, ниту ќе има по која било основа. Целта на овој Закон е да се донесе помирување помеѓу највисокиот орган во државата, односно во Собранието на РМ, вели Бошњаковски.

Амнестијата, ако се употреби во некоја правна дефиниција, е поништување на злосторството и занемарување на казната за тоа дело. Амнестија од казната може да биде целосно или делумно ослободување од нејзино извршување или замена на изречената казна со поблага казна.

Аменстијата е легитимна мерка со која се отстранува криминалниот статус, со што се поништува судската пресуда.

Познавачите на оваа проблематика сметаат дека амнестијата е мерка која влијае на карактерот на чинот, бидејќи излегува дека тој чин е дозволен во текот на временскиот период опфатен со законот за амнестија. Но, законот за амнестија всушност не го елиминира текстот на осудата и кривичното дело останува и продолжува да постои како кривично дело, без оглед на тоа дали е присутно или отсутно во законодавниот текст и останува и покрај носење на амнестијата.

Постои амнестија во потесна смисла, која се однесува на амнестија од казна и амнестија во поширока смисла , која се однесува на аменстија од кривичното дело.

И покрај некои оправдувања за амнестијата во потесна смисла, таа сепак претставува прилично критикуван систем, бидејќи со неа се отфрлаат судските пресуди без правна основа и се менуваат санкциите.

Судските пресуди паѓаат во рацете на претседателот на државата или извршната власт, кои оваа амнестија воглавно ја користат во изборни цели, за ублажување на критиките за државната власт, придобивање на јавното мислење… И покрај сето тоа, на законодавството не му е дадена никаква контрола над овој процес.

Амнестијата во потесна смисла е одлука која ја поништува правната пресуда донесена во име на народот. Се понишува и казната или се заменува со одлука донесена од извршната власт. За давање на амнестија во потесна смисла е неопходно да постои конечна пресуда, на која не може да се даде жалба.

Во случајот со актуелната амнестија кај нас, судскиот процес се’ уште не е завршен. Така што постојат бројни недоумици, бидејќи амнестија ќе треба да побараат индивидуално сите обвинети, кои што не се осудени и не мора да значи дека на крајот од процесот сите ќе бидат прогласени за виновни. Па, така, излегува дека амнестија ќе треба да побараат и лица кои и во регуларниот судски процес, можно е да да бидат ослободени од секаква вина.

Амнестијата, сепак, по секое правно толкување, се појаснува дека се носи за општествено помирување и заборавање на извршените кривични дела кои наводно се случиле во лоши општествени околности. И законодавството, со амнестијата сака тие злодела да се заборават и да се избришат од колективната меморија, со цел општеството да се помири.

Токму на ова се повикува и Телото за помирување кој го изготви овој Закон за амнестија, чии претставници неколку пати повтроија дека целта не им е да се мешаат во работата на судот, туку дека нивниот предлог бил во насока на општествено помирување.

Во Република Македонија од моментот на нејзиното осамостојување донесени се повеќе закони за амнестијата, во 1991, 1999, 2002, 2003 (ревидиран во 2004 година), 2017, 2018  година.