
Министрите за внатрешни работи на Македонија и Косово, Оливер Спасовски и Екрем Мустафа, денеска во Приштина потпишаа договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи на граѓаните од двете земји.
Македонскиот министер по потпишувањето изјави дека денешниот договор е мошне значаен и дека најголема корист од него ќе имаат граѓаните на двете држави.
Овој процес е започнат одамна и заврши со едно ново поглавје. Убедени сме дека овој чекор ќе ја унапреди соработката меѓу двете држави, изјави Спасовски.
Тој информира дека е потпишан и Меморандум за јакнење на соработката во областа на внатрешната контрола, при што нагласи дека меѓуграничната безбедност на двете земји е стабилна, а ќе се интензивира уште повеќе размената на информации за спречување на организираниот криминал.
Според косовскиот министер Мустафа, со денешниот договор за признавање на возачките дозволи и со Меморандумот се зголемува довербата меѓу двете земји во однос на документацијата и им се овозможува на граѓаните поголем комодитет при патувањето.
Врските меѓу нашите две земји се цврсти, а ова е уште едно нивно квалитетно унапредување, изјави Мустафа.
Извор: МИА