Мицкоски: Најголемата трговија на власта е онаа со најсветото, но го потценија народот

Оваа власт единствена трговија којашто ја има направено е онаа со најсветото, но згрешија и го потценија својот народ, рече во средата вечерта на централниот митинг во Делчево  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Оцени дека владејачката СДСМ ја направила најголемата грешка, бидејќи сметале дека народот е како нив, но како што оцени Мицкоски, македонскиот народ „колку и да го кошкаш“ е како пиреј и еден да стане ќе врати за сите нанесени непрвади.

Ова не го зборувам само затоа што постојат предрасуди за нас политичарите, туку ова боли и пече, поминавме илјадници километри во Македонија, разговаравме со илјадници наши сограѓани и сите тие се обединети околу маката која денеска е секојдневие во Македонија. Нема ништо од оние големи ветувања и очекувања дека животот ќе дошол во Македонија, тој дојде само за неколку семејства во Македонија. Неправда е кога вие како опозиционер ќе шетате по плоштадите и ќе им ветувате на луѓето дека ќе имаат загарантиран откуп на земјоделците, поголеми субвенции, помош, а денес кога сте власт оние во Ресен ги сечат дрвата затоа што 1 килограм јаболка е еден денар, тука во Малешевијата се фрлаа сливите бидејќи немаше кој да ги откупи исто е секаде бидејќи овие политички измамници имаат една единствена цел да лажат, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Делчево истакна дека мора да се порази „филозофијата на Заевизмот“, којашто како што посочи Мицкоски, се состои во флоскулата „кажувам, заборавам, негирам“ и оти таа мора да биде конечно поразена на 5-ти мај, во вториот круг од претседателските избори.