Мицкоски: Дописот на Јанева од притвор е незаконски, може потписот е фалсификуван

Опозоцијата е против продолжување на истрагите што СЈО ги покрена после јуни 2017 година, бидејќи тоа е посочено во Законот за СЈО и тие случаи, по истекот на рокот, теба да ги преземе јавниот обвинител, дециден е претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервјуто за неделникот Фокус.

Како што посочува Мицкоски, сѐ што е после 30 јуни е дело на нелегален тужител и никој не го спречува специјалниот обвинител повторно до истиот тој јавен обвинител да го достави по допрен глас. Но, тоа треба да се направи законоски, а не Катица Јанева од притвор да испраќа дописи до нејзините подредени предметите да ги предадат кај јавниот обвинител.

На прашањето дали опозоцијата има некакви сознанија дека власта била во дослух со Катица за тој чин, Мицкоски вели дека во Законот за јавно обвинителство и Законот за кривична постапка каде што се регулира однесувањето на јавен обвинител кога е лишен од слобода односно во случајот кога е во притвор. Катица Јанева може да биде во притвор по три основи. Да избега, да го повтори делото или да влијае на сведоците. Она најмалку две од овие три со тој допис ги прекрши, односно го повторува делото и влијае на сведоците.

Ова што го направи Катица Јанева од притвор е незаконски, зашто тој допис прво треба да биде прегледан од судија, заверен од нотар. Од кај знаеме дека тоа е нејзиниот потпис. Може некој го фалсификувал. Од кај знаеме дека Катица Јанева го пишувала тој допис? Сето тоа го контаминира процесот на доставување на случаите до јавниот обвинител. Ние предлагавме со одредби од закон тоа да биде дефинирано. Јас сега ќе ви го цитирам членот 60 од Законот за јавно обвинителство. Став 1 – јавниот обвинител се одалечува од вршење на функција за времето додека се наоѓа во притвор. Завршена работа, вели Мицкоски.

Не може политичари коишто имале проблем со законот да бидат реформатори

ФОКУС: Откако СДСМ дојде на власт во Судскиот совет, Совет за обвинители, судството, обвинителството, се истите луѓе коишто работеа и претходно. Зарем претходно истите судии и обвинители самостојно работеле? Слушавме и во бомбите како се бираат судии и нарачуваат пресуди.

МИЦКОСКИ: Видете, прво човек којшто имал проблеми со законот не може да спроведе надежна реформа во правосудството. Јас не сум бил градоначалник и не сум барал мито од Мирчо Свињарникот и за Црквата. Друг го правеше тоа. Јас не сум учествувал во изградба на трговски центри, а потоа да бидам аболиран од претседател. Ние не можеме од политичари коишто имале проблем со законот да очекуваме да бидат реформатори. Јас сум човек којшто нема никаква концесија кон никого во животот. И прва работа што ќе се зафатам е длабока, сериозна реформа во правосудниот систем.