
Мотивите на премиерот Зоран Заев да се премисли во однос на распишувањето предвремени избори се помалку важни од иднината на Македонија. Најважно во моментов е да имаме чисти, фер и демократски избори на кои граѓаните ќе избираат меѓу наспособната, корумпирана и криминална власт и меѓу вредностите, честитоста и отчетноста кои што ги нуди ВМРО=ДПМНЕ, вели меѓу другото, опозицискиот челник Христијан Мицкоски во интервјуто за белградскиот дневен весник Политика.
На Македонија ѝ е неопходна обнова, вели Мицкоски одговарајќи на прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила предлото на Заев за брзи предвремени избори. Додава дека политиките со коишто премиерот во заминување изминатите три години ја водат земјата во амбис, што според неговата оцена е веќе апсолвирано и кај македонските граѓани и кај партнерите во меѓународната заедница.
„Сакам да верувам во конструктивноста на Зоран Заев и дека првпат ги става националните пред сопствените интереси, но поради неговото досегашно однесување имам сомнеж“, вели Мицкоски.
Потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ од поодамна бара предвремени избори, а оти токму Заев отфрлаше секаква можност и изјавуваше дека без разлика на исходот од одлуката дали Македонија ќе добие датум за почнување на пристапните преговори со ЕУ изборите ќе се случат во редовен термин, почнувајќи од октомври.
„Повеќе би рекол дека сега е соочен со поразот на неговите катастрофални политики. Сепак, мотивите на Заев да се премисли се помалку важни од иднината на Македонија. Најважно во моментов е да имаме чисти, фер и демократски избори на кои граѓаните ќе избираат меѓу наспособната, корумпирана и криминална власт и меѓу вредностите, честитоста и отчетноста коишто ги нуди ВМРО ДПМНЕ. Најважно е да се обединиме околу тоа дека сакаме држава во којашто ќе владее правото и законите кои ќе важат подеднакво за сите“, порачува Мицкоски.
За опозицискиот лидер не смее да постои привилегирана каста политичари, без разлика од која партија доаѓаат и доколку се прекршени законите мора да понесете одговорност.
Мицкоски зборува за визијата за обновување на државата од која младите нема да се иселуваат, а бизнис амбиентот ќе биде стимулативен за сите, а не само за партнерите на власта, за Македонија „економски тигар на Балканот“.
„Убеден сум дека доколку Заев многу порано ја прифатеше нашата понуда за предвремени избори, Македонија многу порано ќе излезеше од ќорсокакот во којшто ја втурна. Многу порано ќе прекинеа криминалните тендери и многу порано ќе имаше одговорност за сите што го ограбуваа народот и државата. Ќе се реализираа неопходните реформи и ќе се засилеше дипломатската активност со што верувам дека и шансите за добивање на датум ќе беа поголеми. Загубеното тешко дека ќе го вратиме, но на 12-ти април имаме можност да направиме исчекор и одлучно да ја ставиме Македонија на европскиот пат“, заклучува Мицкоски.